На премиерот му пречи што на аеродромите има влезови за граѓани на ЕУ и оние што не се во Унијата


Нови правила за влез во ЕУ за оние што не се членки на блокот

 

Премиерот Христијан Мицкоски мисли дека новите правила за влез во ЕУ дискриминираат, ако регионот навистина треба да биде дел од блокот до 2030. Нему му пречат и ознаките на аеродромите – за граѓани на ЕУ и за останатите. „Имаше регионална иницијатива и да се олесни пристапот на превозниците и онаа зелена лента што се најавуваше од Европската комисија да профункционира. Тоа ќе го покренам како прашање и на дискусијата сега со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но и на Берлинскиот процес. Кога ќе слетате на било кој европски аеродром на земја членка на ЕУ има натпис ‘граѓани на ЕУ’ и ‘граѓани кои не се од ЕУ’ а се дел од Европа и други граѓани, и ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа  мислам дека најмалку што може да направи ЕУ е да не нѐ дискриминира, сите да можеме да бидеме граѓани на Европа“, потенцира Мицкоски.

Нихи Алиу, в.д. претседател на Стопанска комора на северо-западна Македонија истакна дека со новиот систем на гранична контрола засега немаат поплаки од превозниците, освен тоа што тие се жалат дека треба да биде пофункционален граничниот премин Блаце, но, вели таму нема подолг застој, чекањето понекогаш може да биде час два но не и повеќе.  

ЕУ од вчера воведе нов систем на контрола на граничните премини за државјани од земјите надвор од шенген-зоната. Со новите правила се укинува досегашното физичко печатирање на пасошите – контролата ќе се врши електронски, а податоците ќе вклучуваат биометриски информации: фотографија и отпечатоци од прсти. По првичното внесување на податоците, патниците ќе поминуваат побрза проверка.