На последниот повик од Град Скопје, се пријавиле приватни превозници


Фото: Б. Грданоски

Откако  пропаднаа два огласи за приватните превозници во Град Скопје, овојпат, има пријавени, потврди скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Таа не кажа колку приватни превозници се пријавени, но рече дека ќе почекаат до истекот на рокот за да видат колку вкупно апликации ќе има, доколку некој аплицирал по пошта.

„Да, тие се пријавија. Ќе го причекаме и последниот рок кој е позитивна пракса, за да пристигнат ако има по пошта некои дополнителни апликации и согласно истото од наредната недела, комисијата треба да има одлука“, рече Арсовска.

Според неа, приватните превозници се добредојдени да вршат јавен превоз,  односно сите превозници кои имаат чесни намери и ќе работат во прилог на граѓаните.

„Она кое верувам дека самите успеавте да видите во јавноста, дека ги повикавме сите кои сакаат чесно и одговорно да ја вршат оваа дејност, да се пријават на овој оглас со новото координативно тело на превозниците. Тие имаат чесни намери, навистина се заинтересирани да продолжат да работат, да работат како што се бара, да биде во интерес на граѓаните и да биде овозможена најдобрата можна услуга. Второ разговаравме за адаптирање и прилагодување кон стандардите важни за граѓаните за подобрување на состојбите во животната средина (за обновување на возниот парк)“, додаде Арсовска.

На почетокот на март, приватните превозници кажаа дека се враќаат на работа од идниот месец. Долгот кој ЈСП го има кон нив се става на страна и ќе се решава тековно.