На плоштадот во Скопје се поставува новогодишната елка
Скопје ќе биде новогодишно украсен. Вака одлучи таткото на Градот, Петре Шилегов и покрај повиците парите за украсување за оваа Нова година да се пренаменат, со оглед на тоа што сме сред пандемија од корона вирус, нема да има прослави и никој никаде нема да мрдне.
Сепак, со намера да ја врати „надежта и насмевките на лицата на граѓаните, особено на децата“, Шилегов рече дека Скопје ќе се украси за новогодишните празници, а тоа ќе чини 200.000 евра.
Градот Скопје денеска започна со поставување на новогодишната елка на плоштадот „Македонија“, а како што најави градоначалникот, ќе биде накитена најдоцна до 5 декември.
Оваа година нема да се организира традиционалниот „Винтерленд“ панаѓур, нема дочек на Дедо Мраз за најмалите, а дали ќе има по некој со кој ќе се фотографираат , останува да видиме.
Ако 2020 година не примора да седиме дома, во карантин или самоизолација, можеби пред Нова година ќе се прошетаме по плоштадот, па елката што денеска се поставува ќе не потсети дека доаѓа нова, да се надеваме, посреќна година.
Неколку други градови од внатрешноста веќе најавија дека годинава, нема да се украсуваат, а парите ќе се пренаменат за помош на ковид центрите.