„Охридско лето“ : Вечер со уметниците од „Бенсман“ саксофон квартетот


На програмата на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва се уметниците од „Бенсман“ саксофон квартетот, во состав Детлеф Бенсман – сопран саксофон, Тианхонг Ву –  алт саксофон, Лиу Паи – тенор саксофон и Нинослав Димов на баритон саксофон.

„Бенсман“ саксофон квартетот дебитира на концертниот подиум во 2006 година со премиерна изведба на Брехтовата „Badener Lehrstuck” за хор, солисти, саксофон квартет, пијано и перкусии од Карлос Фаринас и Итај Двори, по што следи продукција за Германското радио.  По успешната премиера како на делото, така и на ансамблот, произлегува и идејата на Детлеф Бенсман да ја заврши својата кариера во Берлинскиот квартет саксофони, во кој како примариус успешно работел повеќе од 20 години, и да се посвети на неговата кариера како солист, диригент, композитор, и воедно на развивањето на овој „млад“ квартет во кој членуваат исклучиво уметници кои студирале кај самиот Бенсман, со што се овозможува по ефективно изразување на уметничката мисла и идеја.

Во периодот од 2007 година, па сe до денес, може да се вбројат низа успешни концерти и настапи на врвни музички фестивали како низ Германија, така и во цела Европа, и три концертни турнеи во САД (2008) и Кина (2008, 2017).

Детлеф Бенсман студирал саксофон со проф. Омар Лампартер и контрабас со проф. Хајнц Јаблонски во Берлин, по што започнува да свири контрабас во оркестарот на Германската опера во Берлин, а како солист на саксофон дебитира со Радио симфонискиот оркестар во Берлин во салата на Берлинската филхармонија во 1980 година. Има снимено 20 комерцијални носачи на звук на кои се поместени композиции напишани за него, но и напишани од самиот Детлеф Бенсман. Редовно настапува со познати оркестри и диригенти меѓу кои Берлинскиот симфониски оркестар и Дмитриј Китајенко, Радио-симфонискиот оркестар во Франкфурт и Казуши Оно, Симфонискиот оркестар во Берн, со Шиан Едвардс и Еиџи Оуе. Повеќе од 25 концерти за саксофон и оркестар се посветени и напишани токму за Детлеф Бенсман, а тој изведува повеќе од 100 светски премиери на дела напишани за неговиот инструмент. Во 1983 година Бенсман го основа Берлинскиот квартет саксофони и повеќе од 20 години е водач на ансамблот. Во 2006 г.го формира Бенсман саксофон квартет со студенти од неговата класа, а истиот го обновува во 2017 во сегашниот состав.

Како докажан педагог кариерата ја започнува во 1984 на Универзитетот за уметности во Берлин, од 1992 предава на Високата школа за музика „Ханс Еислер“ во Берлин, а од 2016 предава и на Академијата за уметност во овој град.  Во 2004 година го формира Бенсман трио заедно со виолинистката Валтраут Вехтер и пијанистот Дмитриј Бефелер, состав кој се’ уште работи во различни камерни формации.

Во последните 20 години Детлеф Бенсман има интензивна кариера како композитор и диригент, пишувајќи дела за соло саксофон, саксофон и оркестар, ансамбл саксофони како и камерна музика за саксофон и други инструменти. Тој е уметник кој е официјално поддржан од Гете Институтот.

Кога станува збор за Паи Лиу, тој е победник на „Јамаха“ натпреварот за саксофонисти, по пто своето музичко образование започнува да го стекнува на Шенјанг конзерваториумот за музика. По три години ги продолжува студиите по саксофон на Централниот конзерваториум за музика во Пекинг во класата на проф. Ли, а во 2008 година ја добива и првата награда на Меѓународниот натпревар во Баилин. Од 2011 година студира во класата на Детлеф Бенсман и Уве Штајнмец во Росток каде дипломира во 2015 по што ги продолжува магистерските студии во класата на Бенсман на Високата школа за музика „Ханс Еислер“ во Берлин.

Младиот кинески саксофонист Тианхонг Ву започнува да учи саксофон на рана возраст и освојува втора награда на првиот натпревар за дувачки инструменти „Јамаха“ во Џиангсу, и прва награда на натпреварот за дувачи во Јангжу. Дипломира музичка теорија и композиција на Универзитетот за уметности во Нанџинг и продолжува да студира класичен саксофон на Универзитетот за уметности во Берлин во класата на проф. Детлеф Бенсман.  Победник е на натпреварот за камерна музика за дувачи, а настапувал со Оркестарот во градот Котбус, со Оркестарот на Берлинскиот колеџ за музика во салата на Берлинската филхармонија, а настапувал и на Полскиот конгрес на саксофонисти.

Нашиот уметник Нинослав Димов дипломира и магистрира во класата на неговиот татко проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје, по што студиите ги продолжува на Универзитетот за уметности во Берлин во класата на проф. Детлеф Бенсман. Во Берлин дипломира во 2006 и се здобива со диплома за специјализација за концертен изведувач во 2009 година. За време на студиите е добитник на бројни државни и меѓународни натпревари и редовно учествува на семинари во Словенија, Франција и Германија.

Настапува како солист на рецитали, но и со оркестрите на Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Косовската филхармонија, а од почетокот на студиите го основа Квартетот саксофони „Димов“ со кој настапува во Скопје, Дубровник, Сараево, Мостар, на Охридско и Скопско лето. Во 2006 година настапува на неколку концерти со прочуениот Берлински квартет саксофони, а од 2007 е редовен член на Бенсман саксофон квартет настапувајќи во Берлин, Дуисбург, Бранденбург, Франкфурт, Буков. Од 2017 е основач и уметнички раководител на Меѓународниот фестивал на кларинетисти и саксофонисти „SaxClar“ во Скопје.  Нинослав Димов е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, член на Биг Бендот на МРТВ и на ЗЏМ, и редовен саксофонист на Филхармонијата на Северна Македонија.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.