На Новак Ѓоковиќ му е забранет влезот во Австралија

Во сензационалниот пресврт граничните власти ја одбиле визата на Ѓоковиќ. Неговите адвокати ќе ја обжалат одлуката. Ѓоковиќ би требало да биде депортиран в четврток


По целоноќната осумчасовна драма на аеродромот во Мелбурн и проверките на неговите документи за медицинско изземање од задолжителната вакцинација властите во државата Викторија донесоа одлука да му се забранува влегувањето во Австралија на најдобриот светски тенисер. Како што пред некоја минута јавија медиумите од  Мелбурн, тој ќе биде вратен назад подоцна во текот на денот и нема да учествува на Австралија опен.

На Новак Ѓоковиќ му било кажано дека неговата виза била одбиена. Според извештаите, адвокатите на Ѓоковиќ се во процес да ја обжалат одлуката.

Одлуката доаѓа по загриженоста на властите за доказите што го поддржуваат неговото ослободување од вакцина, како и потенцијално погрешното барање за виза. Тој не им прикажал на Граничните сили доволно докази за неговото изземање од протоколите за влез во Австралија. Според строгите одредби секој што доаѓа во Австралија мора да биде вакциниран или да покаже доволно медицински докази дека може да добие изземање, од кои еден е дека прележал ковид во последните шест месеци. Наводно, Ѓоковиќ, го претставил тој доказ иако никогаш не беше споменато дека бил заразен со ковид минатата година, а играше на сите четири грен слема во 2021, како и на завршниот мастерс во Торино. 

На тениската ѕвезда, заглавена на аеродромот „Туламанриен“ во Мелбурн во текот на ноќта, австралиската влада му издаде писмо во кое се вели дека му била одбиена визата и дека ќе биде депортиран, изјави за Ројтерс извор близок до турнирот.

Но сепак не е јасно дали Ѓоковиќ ќе ја напушти Австралија во четврток или ќе остане во земјата бидејќи неговите адвокати се обидуваат да ја поништат одлуката. Тој може да биде ставен во владино сместување или карантин во хотел во Викторија во меѓувреме.

Извор од Тенис Австралија тврди дека потегот бил трик за публицитет што го таргетирал само Ѓоковиќ, а не другите играчи кои веќе влегле со истото изземање.