На неодредено одложено доаѓањето на експертите од Израел за пациентите во Кочани


Фото: Б. Грданоски

Дека ссветот е глобално село, покажува и нашата домашна трагедија, пожарот во Кочани, каде повеќе од 200 луѓе беа повредени, а 62 починаа. Повеќе земји прифатија пациенти во првите часови по трагедијата, а подоцна дојдоа и експерти од неколку земји за да помогнат и да обучат македонски тимови за понатамошно долгорочно третирање на пациентите. Меѓу нив беа и оние од Израел, но нивни колеги кои биле поканети од македонските здравствени власти, да дојдат и да помогнат во третманот во оваа фаза од лекувањето, сега се спречени поради нападите меѓу Израел и Иран, па небото над Израел е затоврено и не полетуваат авиони. 

„Во следниот период планиравме, односно веќе поканивме експерти од Израел, но заради настанатата состојба, тоа ќе се одложи на неодредено, бидејќи нема полетувања од израелските аеродроми. Меѓутоа, тоа не значи дека не работиме на други опции. Очекуваме во следниот период да дојде експерт од Словенија, експерт за ампутации, за да се погледнат опциите за третман на повреденит екои имаат ампутации на прсти“, рече директорот на ФЗОМ Сашо Клековски.

– Дополнително на тоа, за да излеземе во пресрет на потребите на повредените, одобривме контролни прегледи во Пирогов за пациенти, повредените, кои сакаат да бидат контролирани во Пирогов. Во моментов, тоа се шестмина повредени лица. Иако ние апелираме, упатуваме дека најдобро место за третман е Кочани, нагласи Клековски.

Тој рече дека се на пат и се консултираат со експерти од Белгија кои биле тука во првата фаза, да дојдат на една проценка за да се види за натамошни, долгорочни чекори, вклучувајќи устанување на потребата доколку е потребно лекување во странство во некоја од наредните фази на третман на повредените.

Директорот на ФЗО информираше дека 46 или 48 пациенти се пријавени за првата смена и во петок или сабота ќе заминат на рехабилитација на Пониква. На Пониква било извршено дезинфекција, дератизација и дезинсекција на просторот, зголемен бил бројот на хигиеничари од два на пет, за максимално чиста околина. 

– Нашата посветеност на повредените останува непроменета како првите часови, како првите денови. Таа е силна и ќе остане силна во иднина. Сите здравствени потреби, потреби за здравствена заштита на повредените од трагедијата во Кочани ќе бидат на терет и на сметка и поддржани од страна на државата, односно од Фондот за здравствено осигурување, нагласи Клековски.

Од третман на изгореници, наброја тој, на белодробие, друг тип повреди, физикална терапија, нега, психосоцијална, сè ќе било обезбедено и гарантирано од државата на долги стази.

Тој се осврна на сите услуги што сега се достапни во болницата во Кочани.

Станува збор, подвлече директорот на ФЗО, за процес што тече, се адаптира и ќе трае.

– На пример, компресивната облека што сега ја користат 58 лица за други делови на телото освен врат и лице, за врат и лице се осум лица, значи вкупно 66 лица, ќе трае. Сè уште имаме десет повредени лица кои се во болници. Имаме уште некои 15 лица кои најверојатно во наредниот период ќе им бидат земени мерки, значи процесот трае и ќе се адаптира. Морам да кажам, ќе трае две години. Препораките за употреба на компресивната облека се до две години и во тој период, најмалку на неколкупати, на неколку месеци на таа облека ќе треба нови мерки да се земат, да се менува, да се адаптира и така натаму, појасни Клековски.

Тој потсети дека британските експерти препорачале физикалната терапија сепак да биде во Кочани.

Тој апелираше да има смиреност кај повредените и нивните семејства бидејќи имаат комплетна посветеност кон нив и се во комуникација со соодветните центри за изгореници.

– Компресивната облека ќе треба да се користи две години. Не се препорачува употреба на ласер за третман на изгорениците порано од шест месеци. Во основа, веројатно ќе треба да помине една или две години за да заврши заздравувањето на кожата, пред да почнат естетски зафати за подобрување на изгледот. Ќе замолиме за сите прашања во однос на третманот, повредените се консултираат со Општата болница – Кочани, со Катерина Мирчовска и со стручниот тим што е формиран таму, бидејќи тие ги собираат сите информации што се неопходни, додаде Клековски.

Барањата за вработувања во кочанската болница, нагласи, не се поврзани исклучиво со третманот на повредените.

Се давало здравствена заштита на сите повредени, без разлика дали имаат здравствено осигурување или не.

Тој кажа и дека дел од потешко повредените се во школска возраст.

– Mислам дека наскоро Министерството за образование и наука ќе излезе со соодветен став за тие, кои се ученици во трета година или биле ученици во четврта година, појасни Клековски, одговарајќи на новинарски прашања.

Нема дефицит од лекови за онколошки пациенти, рече тој, одговарајќи на новинарски прашања.