„На небото има реки“ – пристигна новиот роман на Елиф Шафак во ТРИ
„На небото има реки“, најновиот роман на турско-британската современа авторка Елиф Шафак од денес на македонски јазик во ТРИ.
„Слоевито како бранови и прекршено и течно како животот, делото на Шафак носи бистри екокоментари за (не)грижата кон водните извори и за катастрофите кои ќе нѐ поплават, ако не ги смениме своите лоши навики. Популарноста на романот, исто како потопот, започна со една капка вода“, истакнуваат од издавачката куќа.
Додека Трејси Шевалие напиша дека романот е „интригантна, возбудлива приказна, поетично потсетување на тоа колку сме поврзани едни со други и со минатото“, Арундати Рој посочи – „направете место за Елиф Шафак на вашата полица. Направете место и во вашето срце. Нема да зажалите“.
Но и покрај екоангажираноста, „На небото има реки“, како што вели Шафак, е „љубовно писмо кон водата“, кое поетски и раскошно го следи прераѓањето на една дождовна капка, која се впива во земјата, испарува кон облаците и се преобразува низ континентите и вековите сведочејќи ги личните и колективните судбини.
„Овој волшебен роман на Елиф Шафак, во превод на Александра Шутиновска, ги следи чудесните текови на водата, историјата и судбините, испишувајќи приказна проткаена со длабока емпатија за несреќните и отфрлените. Водата владее над сите нив – таа е и предвесник на животот и гласник на смртта. Иако телото е смртно, душата е вечен патник – исто како капката вода. Водата памети. Луѓето забораваат“, дополнуваат од ТРИ.
Елиф Шафак е влијателна и наградувана британско-турска авторка. Има објавено 20 книги, од кои 13 се романи. Таа е најпродавана авторка во многу земји во светот, нејзините дела се преведени на шеесетина јазици. „10 минути и 38 секунди“ влезе во потесен избор за Букеровата наградата. „Би-би-си“ ја вклучи „Четириесет правила на љубовта“ во стоте романи кои го обликуваа светот.
Колеџот „Бард“ ѝ додели почесен докторат за хуманистичка книжевност, како признание за нејзината хуманитарна и филантропска работа, а „Би-би-си“ ја избра за една од стоте најинспиративни и највлијателни жени во светот.
Редовно пишува за значајни светски списанија. Поборничка е за правата на жените, правата на ЛГБТК+ заедницата, како и за слободата на изразување. Го има добиено францускиот Витешки орден во областа на уметноста и книжевноста.