На Муртезани пак му кажале во Брисел – прво уставни измени па отворање на кластери

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел повторно ја слушна истата порака – дека продолжувањето на преговорите со ЕУ може да дојде само по усвојувањето на уставните измени.
Во рамките на дводневна работна посета на институциите на Европската унија Муртезани денеска оствари средба и со Валентина Суперти, директорка во Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија.
Според соопштението од СЕП, дискусиите се одвивале во контекст на напреднатата фаза на подготовките за отворање на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), при што посебен акцент беше ставен на исполнувањето на одредниците за отворање кои се предуслов за отворање на овој кластер, дефинирани во Преговарачката рамка. Министерот Муртезани информираше дека владата веќе ги финализира суштинските стратешки документи: Патоказот за владеење на правото, како и придружниот Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците и Патоказот за реформа на јавната администрација; со што практично се заокружува исполнувањето на условите и се отвора патот кон формално отпочнување на преговорите почнувајќи со отворање на првиот кластер.
МЕП Муртезани нагласи дека овие документи се резултат на темелна координација со Европската комисија и вклучување на релевантните чинители од институционалниот, граѓанскиот и експертскиот сектор, вклучително и јавни презентации пред надлежните собраниски тела. Финалната верзија на документите се усогласува со Европската комисија, пред нивното формално усвојување од владата.
Суперти ја поздравила посветеноста на владата во исполнувањето на своите обврски и проактивниот пристап во градење функционална институционална структура за управување со евроинтегративниот процес.