На местото на паднатото дрво на плоштад „Македонија“ ќе се засади исто такво дрво

Од невремето кое зафати делови од Скопје, деновиве, на повеќе места имаше паднати дрјва, а падна и едно од дрвјата засадени во близина на спомен-плочата за Мајка Тереза.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски на денешната прес-конференција истакна дека на местото на паднатото дрво на плоштад „Македонија“ ќе се засади исто дрво од таков вид.
„Од силното невреме кое го зафати Скопје изминативе денови екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ интервенираа на повеќе локации меѓу кои и на локацијата плоштад „Македонија“ кај спомен плочата на Мајка Тереза каде падна едно дрво-сребрена смрча кое беше во поодмината физиолошка старост. Дрвото е откорнато со видливи оштетувања на главниот коренов систем, како и оштетувања на крошната. Покрај сите оштетувања беше невозможно дрвото да се врати во првобитната состојба и да се сочува. Поради тоа, дрвото е отстрането од локацијата. Жалиме за ова што се случи и штом временските услови овозможат на местото на паднатото дрво ќе засадиме исто такво во спомен и почит на животот и делото на Мајка Тереза“, истакна Сотировски.