На лондонскиот аеродром „Хитроу“ е пронајден метал загаден со ураниум
Полицијата отвори истрага откако на лондонскиот аеродром „Хитроу“ беше пронајден метал загаден со ураниум, јави денеска Би-Би-Си.
Службениците на Контратерористичката команда одговорија на безбедносното предупредување во „Хитроу“ што беше активирано на 29 декември.
Весникот „Сан“, кој прв ја објави веста, наведува дека ураниумот дошол од Пакистан во пратка старо железо. Од полицијата за Би-Би-Си потврдија дека истражуваат дали имало непримерно ракување и изјавија дека нема опасност за граѓаните.
Алармите беа активирани во „Хитроу“ откако специјализирани скенери ја открија супстанцијата додека се транспортирала во магацин во сопственост на компанијата за ракување со товар „Свиспорт“, објави „Сан“.
Како што се наведува, дестинацијата на пратката не е јасна и никој не е уапсен во врска со случајот.