На крвотокот на Скопје политичарите му ги сечат жилите

Бесмислената и бескупулозна политичка битка ги остави скопјани на немилост на политичарите. Нивните граници за тормозење на граѓаните околу градскиот превоз немаат крај


Единствениот вид јавен градски превоз во метрополата на нашата држава е во бавна умирачка, а години наназад, освен со по некоја „инфузија“ од нови автобуси, тој само се девастира.

Ако на времето се промовираше како „крвотокот на Скопје“, поради препознатливата црвена боја на автобусите, сега слободно може да кажеме дека овој организам боледува од тешка анемија.

По големата набавка на автобуси од пред 13 години, (215 „јутонг“ и 77 „лаз“) и помалата набавка од пред четири години (33 „ман“ на гас), „крвотокот“ на Скопје работи   и со 32 автобуса „санос“, стари со децении, а за да не издише, помагаат приватните автобуси, на кои може да им позавиди и Мамли од култниот анимиран филм од минатиот век, чиј автомобил се распаѓаше, штом тој ќе излезеше од него.

Целосно бесплатен јавен градски превоз беше едно од ветувањата за скопјани поради кои Скопје доби градска мајка, но како што ги лажеме децата дека утре ќе им ја купиме скапата светкава играчка што ја виделе во излогот, така и скопјани уште чекаат на нови авотбуси и бесплатен превоз.

Веројатно сите сложно ќе ѝ простат за бесплатниот превоз, сите со драго срце ќе си плаќаат, само да има кој и што да ги превезе. Целиот бес и гнев од сѐ полошата состојба со јавниот превоз во Скопје, се стопи во една болна апатија кај граѓаните кои со часови чекаат на постојките надевајќи се дека ќе наиде токму нивниот автобус. Никој веќе нема сила да изговори ни пцовка што долго чеканиот автобус е преполн патници, а често и без разладување на скопската жега. Затоа што знаат дека и оние кои се качиле на некоја станица претходно, ја поминале истата голгота.

И додека граѓаните се солидаризираа едни со други, си ја разбраа маката, надлежните, властите кои се избрани да овозможат достоинствен превоз во сѐ понаселеното Скопје, покажуваат кој поголеми мускули има и кој подолго може да истрае да не направи ништо за подобрување на превозот.

Ако на шега ја спомнуваме идејата на поранешниот градоначалник на Скопје Ристо Пенов, за трамвај за Скопје, тогаш сосема легитимно се прашуваме зошто не се спроведува идејата на претходниот градоначалник Шилегов, за воведување Брз автобуски превоз? За овој проект, којшто со право може да се нарече капитален има обезбедено и пари, Градот никако да даде дозвола за спроведување. Најпрво градската мајка Арсовска и во кампањата и на почетокот на својот мандат тврдеше дека нема да го спроведува проектот на својот претходник, иако за тоа Градот плаќа пенали затоа што не ги користи наменски обезбедените пари од кредит.

Потоа се премисли, па многупати ја става оваа точка на дневен ред пред Советот, но сега токму оние советници од партијата која ја поддржа Арсовска како независен кандидат и ја ставија во градоначалничката фотелја, не ја гласаат. Истите не гласаат ни да почне постапката за набавка на нови автобуси.

Скарани или не, проблемот повторно стигна до премиерот. Како кај нас да нема никој друг што знае и може да реши некој проблем, освен премиерот (кој и да е на функцијата во моментот на проблемот). Само што овој премиер не исполнува желби на некој што го смета него за „политичко ѓубре што треба да се расчисти“, па вели дека не само на Скопје, автобуси им требаат и на Битола, Прилеп, Охрид, Куманово – 250 за Скопје и 250 за другите градови.

Но, ова се само игри со бројки, „33 замки“ ако сакате. Утре да почне набавка на автобуси, скопјани нема да ги видат ни на почетокот на следната учебна година, затоа што тоа не се шарени бонбони што може да ги купиш во гранапче. Тоа е долга процедура, а со секое одложување на почетниот прв чекор, сѐ послаб е „крвотокот“ на Скопје.

Ако некогаш ЈСП „Скопје“ било гордост на градот, основано во 1947 година, кое во 2006 година превезувало по 70 милиони патници, 2014 година – 53 милиони, 2022 година – 28,5 милиони, годинава може да очекуваме бројка што ќе се граничи со статистичка грешка.

Алтернатива за превоз нема. Користењето велосипеди и сѐ популарните електрични тротинети не може да се возат преку цела година, а има и граѓани кои не се во состојба да ги користат.

Автобускиот превоз уште долго ќе остане единствен градски превоз во Скопје. Зошто тогаш му се сечат жилите?