На избори со и без закон за обвинителство


ВМРО-ДПМНЕ и вчера побара власта да распише предвремени избори. Коментирајќи ги последните јавни настапи на премиерот Зоран Заев, најголемата опозициска партија констатираше дека има само еден начин да се проверат неговите тврдења оти државата блеска: соочување со гласачите. Тие се уверени оти владата на СДСМ и коалициските партнери веќе три години владеат со криминал, корупција и рекет, поради што сметаат дека народот ќе ја казни актуелната власт.
Сепак, предвремените избори не се во игра, нагласуваат од „Бихаќска“ изразувајќи оптимизам дека земјата најпрво ќе добие датум за преговори за ЕУ, па членство во НАТО, а притоа и економските показатели ќе се подигнат до крајот на редовниот мандат на владата – кон крајот на наредната година.
Тоа изгледа им станува јасно и на опозиционерите, па почнаа да коваат подолгорочни стратегии. Не наведувајќи директно, но насетувајќи оти се подготвуваат за избори, започнаа со кампања во која преку разговори со граѓаните сакаат да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат во своите средини. На поставените штандови низ целата земја, ВМРО-ДПМНЕ до крајот на годината ќе ги слуша неволјите на граѓаните, а потоа ќе понуди одговори за нив, како и за клучните државни прашања. Тие ќе бидат сместени во програмата со која опозицијата ќе настапи на парламентарните избори, кога и да се одржат.
„Интересот е огромен, сметаме дека ја постигнавме целта, граѓаните доаѓаат, ги споделуваат личните, но и проблемите во средината, на улиците, на работните места, едноставно се гледа дека се желни за промена“, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ.

Нивните настапи со сосема поинакви очила се гледаат во СДСМ, од каде што посочуваат оти класичен пример бил последниот собир во Кратово, каде што немало жив човек, поради што и Христијан Мицкоски го откажал настапот. Во ВМРО-ДПМНЕ одговорија оти нивниот лидер воопшто не бил предвиден за настап, демантирајќи дека не предизвикал интерес.
Но многу поважно од голата реторика на партиите е усогласувањето на политичките елити околу суштинските проблеми. Пописот е целосно ставен на страна и за него воопшто не се разговара меѓу работните групи на опозицијата и на власта. Уште полоша е ситуацијата околу изборниот модел, за кој дури и министерката за правда призна оти не може да се промени, затоа што секоја партија влече на своја страна. Останува законот за обвинителство, кој по префрлањето на предметите од СЈО во редовното обвинителство, изгуби на итност и на важност, особено што нема да влијае врз расположението во Брисел да ни додели датум за старт на преговорите со Европската Унија.


Во врска со можноста оваа недела да се одржи нова лидерска средба за законот за обвинителство, премиерот Заев истакна дека тој е подготвен за нов обид за усогласување на ставовите доколку се утврди дека тоа е потребно и оти има услови таа да се одржи.
„Земјите членки на ЕУ, особено оние што будно ги следат предметите на СЈО, како и неговата иднина, потврдуваат дека е добро што е гарантирана иднината на предметите. Но, важно е да се донесе закон за да можеме уште повеќе да ја гарантираме иднината на самите предмети. Подобро е да има загарантирана иднина на предметите сега отколку преку закон таа иднина да се дерогира“, рече Заев и испрати порака до оние кои учествуваат во работните групи и од власта и од опозицијата да направат исчекор и да се најде компромис.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека досега нема никаква најава за лидерска средба. Нема ниту најава за средба на работните групи или на тимовите предводени од советниците Бојан Маричиќ и Тимчо Муцунски.
„Ние и натаму сме расположени да се донесе законот за обвинителство за да се доведеме во ситуација во која ќе се бранат принципите, а не индивидуите“, нагласуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, внимание предизвика најавата од партијата дека Мицкоски би се сретнал со Заев само доколку има приближување во ставовите околу законот за обвинителство што во дел од јавноста беше протолкувано како ретерирање од првичниот став оти со премиерот би седнале да разговараат единствено ако темата се предвремени парламентарни избори.
„Доколку работните групи ги доближат ставовите и сме блиску до договор, тогаш нормално е дека би седнале со Заев да го заокружиме тоа прашање, но секако дека веднаш потоа би инсистирале на датум за предвремени избори“, објаснуваат од партијата.


Мицкоски предложи веднаш по одлуката на Европскиот совет за (не)отпочнување на преговорите со ЕУ, да се формира техничка влада и во март да одиме на избори.
„Не се потребни предвремени избори, без разлика на јаловите, неаргументирани барања на опозицијата. Според мене, се трудат да го спречат тоа што веќе се случува и ќе се заокружи во случувањата, а тоа е да се стави ред во правната држава, економијата да ги даде своите резултати, конечно нашата земја да истера еден цел мандат, да заокружи политики, политиката да исполни ветувања спрема граѓаните, да се направи убав пресек, па потоа да се оди на избори“, се изјасни Заев.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски