На хируршките клиники медицински отпад бил ставан во картонски кутии, инспекторите најавуваат казни

Фото: Б. Грданоски

Државниот инспектор за животна средина по дојава на службата за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар Мајка Тереза, на 10.12.2020 година изврши увид на локацијата на која одделно се складира медицински опасен отпад и неопасен отпад што се создава во хируршките клиники. Видливо и очигледно беше несоодветното третирање на медицинскиот отпад во картонска амбалажа што е спротивно на Законот, соопштија од Инспекторатот.

Медицинскиот отпад, ставен во картонски кутии, спротивно на законот, беше складиран во депо за картонска амбалажа. Опасниот медицински отпад мора да биде селектиран, спакуван во жолти кутии или вреќи и потоа да се складира во посебен контејнер и да се транспортира со посебно возило до Дрисла. При подигањето на картонската амбалажа од страна на компанија што собира медицински отпад, кутиите со медицински отпад беа фрлени на земја и растурени.

Инспекторот ги задолжи службите да го исчистат местото и да го отстранат медицинскиот отпад на прописен начин. Имајќи предвид дека на оваа локација медицински отпад фрлаат сите хируршки клиники, Државниот инспекторат до нив ќе достави опомена. Истовремено, примерок од медицинскиот отпад ќе се достави до судска медицина за вештачење и откривање на клиниката од која потекнува отпадот. Ќе следи и соодветната законски утврдена казна, се вели во соопштенито до медиумите.