На градоначалникот Папазов му „гори“ фотелјата

По трагедијата која се случи ноќеска во Кочани каде загинаа 59 луѓе во пожар во дискотека, градоначалникот Љупчо Папазов не е меѓу приведените. Тој на прес-конференција ќе каже дали ќе си поднесе оставка. За тоа кој дал дозвола за работа на дискотеката, за СДК рекол да се стрпат.
„Не, еве сме тука со министерот, обвинителите“, рекол тој откако го прашале дали е повикан на разговор.
Папазов е избран за градоначалник на 8 номеври 2021 година и е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак се јавија со соопштение оценувајќи дека ова е еден од најтажните денови за Македонија.
„Во овие моменти на голема загуба, мислите и молитвите на целото членство на ВМРО-ДПМНЕ се со семејствата на загинатите, со нивните најблиски и со сите погодени од оваа катастрофа. Ова е време кога Македонија мора да биде обединета во сочувство, солидарност и хуманост. Ги повикуваме сите надлежни институции да дејствуваат брзо и ефикасно, да обезбедат целосна помош за сите настрадани и да ги утврдат причините за оваа трагедија. Губењето на човечки животи никогаш не смее да остане без одговори и одговорност. Бог да биде со семејствата на жртвите, со повредените и со целиот македонски народ“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.