На Горан Грујовски ќе му се суди во отсуство за „Тврдина 2“
Судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, на почетокот на денешното рочиште, го прифати предлогот на јавниот обвинител и донесе одлука на обвинетиот Горан Грујовски да му се суди во отсуство.
– Имајќи ги предвид изнесените ставови судот донесе решение да се прифати предлогот на ЈО за судење во отсуство. Истиот не е достапен на органите на прогон на Република Северна Македонија. По пресудата на Врховниот суд на Република Грција против негова екстрадиција се наоѓа на слобода, поради што е неизвесно неговото обезбедување во постапката, а имајќи го предвид сериозноста на делото што му се става и опасноста од застарување, дополнително што обвинетиот има право на повторување на постапката, сметам дека се исполнети условите за отпочнување на главна расправа, изјави судијката Јосифовиќ.
Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов, претходно ги отфрли како небулозни тезите на одбраната дека поради укинатиот екстрадициски притвор во Република Грција на бегалецот Горан Грујовски не може да му се суди во нашата земја.
– Барам на обвинетиот Грујовски да му се суди во отсуство, изјави Пеливанов.
Бранителот на обвинетиот, адвокатот Петар Василев посочи дека барањето за екстрадиција на Горан Грујовски е одбиено од Врховниот суд на Грција.
– После одбивањето на барањето за екстрадиција државата која го барала тоа лице не може да му суди за истото дело за кое барала екстрадиција, изјави Василевски.
Бранителот се повика и ги цитираше членот 77 од Законот за меѓународна правна помош во кривична материја.
На обвинетите во случајот „Тврдина 2“ им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување. Документацијата е поврзана со двата система од нелегалното прислушување, кои соред СЈО, биле уништени во текот на 2014 година.
Според обвинителниот акт Грујовски се гони за уништување на документација поврзана со системот за следење на комуникациите.
– Грујовски издал наредба за ништење на деловодните книги во 2015 година, по што сега обвинетите согласно пописната листа пристапиле кон уништувањето на списите, кое се извршило во базата Петровец. По што на 26.6.2015 сега осудените на обвинетиот Горан Грујовски му доставиле потврда дека на 24.6. 2015 се уништени сите акти, изјави Пеливанов.
Се пристапува кон изведување на материјални докази, предложени од СЈО.
Во моментов од судењето се исклучува јавноста поради изведување на класифицирани докази, кои од МВР биле декласифицирани и им бил променет степенот во докази со ограничена употреба само за потребите на судската постапка.
Следното рочиште е закажано за 15 април и би требало да продолжи со сослушување на сведоци.