На државно земјиште со зеленило Пецаков сака да се гради хотел
Пред советниците во Општина Охрид во петок ќе се појави предлогот на градоначалникот Кирил Пецаков со кој се предвидува просторот на поранешната касарна во Охрид да стане хотел.
Просторот од над 21 илјади метри квадратни, кој сега е едно од последните големи зелени површини во градот, треба да добие хотелски комплекс со основа на градба од над 12 илјади метри квадратни, со што згаснуваат надежите на охриѓани за парк на ова место. Наместо парк и место за рекреација, земјиштето кај старата касарна ќе стане бетонско здание, за кое општината планира да инкасира само 1.528.133 денари по основ на долготраен закуп.
Сумата за која општината планира да се откаже од зеленилото и да дозволи некој да изгради хотел, од само еден и пол милиони денари е прениска за граѓаните, но и градот, како главно туристичко место во земјава.
На ваквиот предлог на градоначалникот денес реагираа од СДСМ.
-Градоначалникот Пецаков по втор пат пред советниците на Општина Охрид им предлага да усвојат програма со која ќе му дадат право и можност да отуѓи дел од градежното земјиште лоцирано во просторот на поранешната касарна. Програма за располагање со градежно земјиште се носи еднаш годишно и тоа на почетокот на календарската година. Кога веќе не е донесена програма за оваа календарска година уште понејасно е зошто Пецаков инсистира истата да се донесе четири месеци пред крајот на оваа година или можеби на Пецаков доволно му се четири месеци да го отуѓи земјиштето.
Програмите за располагање со градежно земјиште се носат врз основа на анализа и процена за долгорочен економски развој, а не врз основа на лични мотиви за расипничко однедување со јавниот имот, велат од СДСМ Охрид. Паралелно, иако планира да го отуѓи имотот, според СДСМ, пецаков издвојува 2 милиони и 6 илјади денари за изработка на Студија за технолошки-рекреативен развој на просторот во поранешната касарна.
-Овој податок е дополнителна потврда дека локалната власт е конфузна и контрадикторна без визија и сенс за просперитет и развој. На каков технолошко-рекреативен развој ќе работи доколку го отуѓи земјиштето? Затоа го повикуваме градоначалникот Пецаков да ја повлече оваа точка од дневен ред како беспредметна и неоправдана. Истовремено упативаме апел до сите советници во Советот на Општина Охрид без разлика на нивното политичко убедување да немаат удел во расипничкото однесување на градоначалникот Пецаков, додаваат од ОО СДСМ Охрид.
И советникот на Левица во Советот на Општина Охрид, Виолета Аврамоска, денес поднесе 82 амандмани до претседателот на Советот, Сашо Донев. Амандманите се однесуваат на предлог- точката со која предвидува продажба на државно земјиште по 70 денари за метар квадратен во месноста Мауцкер.
-Апелираме до градоначалникот Кирил Пецаков – Градоначалник на Општина Охрид да се откажи од оваа погубна идеја, со која неповратно се оттуѓува општински имот и се отвора можност за коруптивни зделки, од кои повторно ќе профитираат неколку поединци. Советникот на Левица ќе ги искористи сите законски механизми со цел да се спречи продажбата на Мауцкер, за интересите на бизнис-елитата и профитерите, велат оттаму.
Неповратното оттуѓување на општински имот е децениска пракса, која е израз на неспособноста на владејачките елити за реализирање проекти од јавен интерес. Приватизацијата на јавен имот за интересите на поединци е енормна загуба за Охрид и Охриѓани.