На булеварите се вози како на автопатишта: Возачот на смртта кај Пинтија имал 16 казни


Булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, порано познат како „Првомајска“ од тесна уличка, која беше синоним за скопските гужви, стана широк булевар со четири коловозни ленти. Сега возачите се растоварени, но големата брзина со којашто се вози зема се поголем број на жртви. Последната трагедија на булеварот се случи завчера вечерта околу 22 часот кога се судрија два автомобили, „пежо“ и „фолкваген голф“. Двајцата возачи, кои биле сами во автомобилите, загинаа на лице место, едниот на возраст од 21 година од скопското село Батинци, а другиот скопјанец на возраст од 48 години од скопската населба Драчево.

Според неофицијалните информации, дваесет и едногодишното момче со „пежото“, со огромна брзина се обидело да го претекне автомобилот пред него, преминал на спротивната лента и се судрил со „фолксвагенот“. Од првичната глетка, од крвавите траги и распарчените автомобили беше јасно дека во судирот тешко дека некој останал жив.

Но, она што ја запрепасти јавноста се 16-те казни кои полицајците досега му ги пишале на младиот возач кој загина во сообраќајката. Од полицијата објаснуваат дека казните му биле ги пишале само последнава година, но не дадоа детали какви казни имал младиот возач и како по толку казни останал со возачка дозвола.

Според сообраќајните експерти, на дел од булеварите низ Скопје се вози како на автопати, односно возачите се помалку безбедни ако возат со помала брзина.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски излезе со статистика, според која од јануари до мај, на овој булевар имало вкупно 369 казни за брзо возење.
„Сето ова покажува колку сите треба да бидеме свесни како се однесуваме во сообраќајот. Упатувам апел до сите граѓаните да помислат на своите деца кога седнуваат зад воланот“, рече министерот за внатрешни работи.

Последната катастрофална несреќа со пет жртви на овој булевар се случи пред еден месец кога речиси на идентичен начин автомобил „рено 5“ се судри со камион на „Комунална хигиена“. Во несреќата загинаа сите патници на автомобилот.

На шесткилометарската делница која почнува од Кисела Вода до Пинтија, од почетокот на годинава се случиле 33 сообраќајки. Три несреќи биле со жртви, две со тешко повредени, 10 со телесни повреди и 18 само со материјална штета.

Министерството за внатрешни работи изготува законски измени со цел да се воведе електронски систем во надзор на безбедноста на сообраќајот со поставување безбедносни камери, кои ќе можат да препознаат одредени прекршоци и директно да изрекуваат казни за сторителите со што ќе се намали еветнуалното влијание на човечкиот фактор и ќе се скрати времето на изрекувањето на казните.

Министерот не прецизираше кога би се случиле законските измени, кои би овозможиле поставување безбедносни камери за сообраќајните прекршоци, но напомена дека во земјава е потребно подигнување на јавната свест и зголемување на сообраќајната култура.

Она што во земјава недостасува е ангажирање на сообраќајни инженери кои ќе направат стручно мислење и анализа и ќе смислат стратегија како да се намали бројот на жртвите во сообраќајот. Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот е советодавно тело, но освен рекламите до возачите, нема големи резултати од нивната работа. (Ф.Ф.С.)