На Александар Николоски групата со Албанија, Украина, Босна, Грузија не му е симпатично друштво


Александар Николоски

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, повторно се навраќа на својата поранешна теза дека Бугарија не е главен виновник за блокадата на Македонија во ЕУ, туку дека тоа бил параван за неколку моќни земји-членки на ЕУ нашата земја да ја држат настрана од Унијата. Главната вина била дома и затоа некои земји сметаат дека Македонија не е подготвена за почеток за преговори „со ова ниво на корупција, и со овој економски стандард, а за членство и да не се зборува“.

Во колумна за неделникот „Фокус“, Николоски се чуди зошто македонските власти не отвориле дебата за последниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон за создавање на „Европска политичка заедница“ и тоа не е нешто што Македонија треба да го прифати, бидејќи би била „лабава форма на сојузување, без цврста хиерархија, ниту извршна и економска моќ, некоја напредната форма на Совет на Европа или ОБСЕ. Во превод, далеку од европскиот сон што го сонуваат генерации и генерации Македонци“.

Според него, членството на Македонија нема алтернатива, „не смее да размислуваме на ниеден друг проект, освен на полноправно членство во Европската унија“. Тој се залага за „дипломатијата со многу посилни и пософистицирани форми што даваат резултати, особено што Македонија е под вето од најслабата земја-членка на ЕУ, на која многу повеќе ѝ треба ЕУ, од тоа што на ЕУ ѝ треба Бугарија“.

Николски мисли дека Македонија е дел од првата европска лига и оние земји што ги споменува Макрон во својот предлог не биле друштво за неа. „Овој игнорантен однос и силното потфрлање дома, сериозно може да ја разниша иднината на Македонија и да ја смести во европската втора лига со земји како Молдавија, Албанија, Босна, Грузија, Украина и слични. Ќе се согласите, не баш симпатично друштво“, вели Александар Николоски.