На 96 години почина легендарниот режисер Вељко Булаиќ


 

Вељко Булајиќ, еден од најголемите југословенски режисери и автор на документарецот „Скопје ‘63“, најпознат по воените драми и спектакли за Втората светска војна, почина на 96-годишна возраст во Загреб, по кратка болест, потврди неговото семејство. Во неговата богата филмографија се истакнува епската акција „Битката на Неретва“, од 1969 година, најскапиот југословенски филм на сите времиња, кој беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм во 1970.

Филмот многу брзо се здоби со култен статус и забележа огромна популарност. Во Југославија го гледале повеќе од четири милиони луѓе, а ширум светот дури 350 милиони. За популарноста на филмот секако придонесе актерската екипа, во која покрај домашните ѕвезди се најдоа и Јул Бринер, Сергеј Бондарчук, Орсон Велс…

Плакатот за филмот го направи никој друг туку Пабло Пикасо, кој побара гајба југословенско вино како компензација, а музиката ја компонираше оскаровецот Бернард Херман. 

Роден во Црна Гора во 1928, Булајиќ го поминал детството во БиХ, а најголем дел од животот работеше и живееше во Хрватска. Режисерската кариера ја почна во 1950-тите, кога сними неколку кратки филма, а првиот долгометражен игран филм му е „Воз без возен ред“ од 1959, кој беше прикажан на Канскиот филмски фестивал.

Со американскиот актер Кирк Даглас
 
Булајиќ се прослави со филмовите на теми од Втората светска војна („Војна“, „Вжештениот град“, „Козара“, „Големиот транспорт“), а неговите филмови имале вкупно 500 милиони гледачи низ светот.
 

Во кариерата сними 26 кратки и долгометражни филма, вклучувајќи го документарецот „Скопје ‘63“. Снимањето почнало три дена по земјотресот и траело четири месеци.