На 94 години почина Милан Кундера, еден од најчитаните современи писатели


Париз– Милан Кундера, познатиот чешки писател, почина на 94-годишна возраст.

Роден е во Брно на 1 април 1929 година, каде што завршил гимназија. Студиите за литература и естетика ги оставил во Краков и заминал на Филмската академија во Прага. По дипломирањето останува на таа академија како предавач по светска литература. Во Комунистичката партија беше само две години бидејќи беше исклучен од неа.

Кундера е најпознатиот и најчитан современ писател со чешко потекло, кој живее во Париз од 1975 година кога избегал од комунистичкиот режим во Чешка.

Освен неговото најпознато дело „Неподносливата леснотија на постоењето“, познати му се и „Книга за смеата и за заборавот“, „Бесмртност“, „Празникот на безначајноста“ и „Животот е на друго место“. Негова последна книга е „Незнаење“, напишана на француски јазик и објавена во 2000 година.

Зборувајќи во 1980 година за Њујорк Тајмс, Кундера се жалеше дека чувствува дека „романот нема место“ во светот, велејќи дека „тоталитарниот свет, без разлика дали е заснован на Маркс, исламот или било што друго, е свет на одговори наместо прашања”.

„Ми се чини дека низ целиот свет луѓето во денешно време претпочитаат да судат отколку да разберат, да одговараат наместо да прашуваат“, продолжи тој, „така што гласот на романот тешко може да се слушне поради бучната глупост на човечките извесности.“

Со сопругата во Прага, 1973

Кундера,  во 2020 година решил својата приватна библиотека и архив да ја подари на градската библиотека на родниот град Брно во Чешка, каде го поминал детството.

Раководството на библиотеката во Брно соопшти дека целата колекција книги на Кундера ќе биде пренесена од Париз каде што живееше Кундера, во Чешка.

Познатиот писател ги подарил и своите книги преведени на чешки јазик и на уште четириесет други јазици, како и написи од весници кои ги пишувал, списанија и критики на неговата работа, фотографии и цртежи.

„Се ќе биде достапно за јавноста, претежно во дигитална верзија, соопшти библиотеката во Брно, пред три години. 

По 40 години во Франција, освен кратки посети на нивната татковина, чешкото државјанство на Кундера и неговата сопруга Вера конечно беше вратено во 2019 година, една година откако се сретнаа со чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој ја опиша средбата како „ голема чест“. Една година подоцна, Петр Друлак, амбасадорот на Чешката Република во Франција, му го предаде сертификатот за државјанство на Кундера, опишувајќи го како „важен симболичен гест, симболично враќање на најголемиот чешки писател во Чешката Република“. Тој рече дека Кундера е „во добро расположение, само го зеде документот и рече благодарам“.