На 92 години почина сценаристот Синиша Павиќ, автор на култните „Отпишаните“, „Жежок ветер“ и „Подобар живот“
Синиша Павиќ, најплодниот српски и југословенски сценарист, почина на 92 години во својот дом во Власотинце, објавија српските медиуми. Павиќ беше автор на сценаријата на најпопуларните југословенски телевизиски серии, почнувајќи од „Театар во домот“ (Pozorište u kući), која оригинално се емитуваше во 1972 и 1973 и потоа доби неколку продолженија.
Павиќ ги создаде и „Отпишаните“, „Жежок ветер“ и „Подобар живот“, со која почна ерата на неговите вечерни серии со повеќе сезони, во чиј фокус е едно семејство. Таков концепт подоцна имаа и „Среќни луѓе“, „Семејно богатство“, „Доаѓаат долари“ и „Бела лаѓа“. Неговата последна серија беше „Јунаците на нашето време“, што се емитуваше од 2019 до 2021.
Павиќ пишуваше филмски сценарија, меѓу кои се истакнува серијалот „Тесна кожа“.