На 78 години почина легендарниот композитор Љупчо Константинов, автор на „Еј ти, младо момче“
Константинов лани ја доби највисоката државната награда „11 Октомври“ за животно дело
На 78 години почина легендарниот македонски композитор Љупчо Константинов, потврди семејството.
Константинов, кој дипломирал на Музичката академија во Белград, е автор на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. Меѓу другите, автор е и на музиката за филмовите „Среќна Нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други. Од неговата песна „Еј ти, младо момче“ во изведба на групата „Индекси“, неговата наградувана и изведувана авторска музика се смета за македонско музичко богатство.
Константинов лани ја доби највисоката државната награда „11 Октомври“ за животно дело, како и наградата Златен објектив за 2023, која ја доделува Кинотеката на Македонија. Во 2019 ја доби наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
„Им благодарам на сите мои соработници, да не беа тие, немаше денес да бидам тука. Патот дотука не беше лесен, беше послан со трње, не со персиски килими, туку со стотици табаци испишани нотна хартија и илјадници часови поминати во музичките студија во создавање музика за програмските потреби на Радиото, како и применета музика, мојата животна преокупација, музика наменета за театарската сцена, филмската уметност и телевизијата“, рече лани Константинов во Собранието на доделувањето на државната награда „11 Октомври“.