Мето Јовановски, горостасот на македонското глумиште, почина на 77 години

Многумина најмногу се сеќаваат на неговите улоги во „Тетовирање“ и „Среќна нова 49“, но грандиозноста на Мето Јовановски почна како Хамлет во 1977


Фото: Б. Грданоски

 

Мето Јовановски, човекот што повеќе од пет децении беше симбол и легенда на македонското глумиште, кој оствари улоги кои се влезени во македонскиот ген, почина денеска на 77 години.

Поголемиот дел од јавноста можеби најмногу се сеќава на неговите филмски улоги во филмовите „Тетовирање“ и „Среќна нова 49“, но она што го направи Мето Јовановски горостас на македонската и југословенска театарска сцена беа улогите како Хамлет во истоимената претстава во режија на Слободан Унковски од 1977 година, како Профириј Петрович во „Злосторство и казна“ на режисерот Егон Савин и Вујко Вања во истоимената претстава на Чехов.

Неговите театарски улоги не можат и да се набројат. Тој беше срцето што најсилно чукаше во Драмскиот театар Скопје, во времето кога овој театарски ансамбл жареше и палеше на југословенската сцена со извонредна енергија, знаење, промисленост и неверојатна креативност.

Кога во 1973 години ја имаше првата филмска улога во филмот на Коле Ангеловски, „Колнати сме Ирина“, потоа во 1976 глумеше во „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо, а следната година во „Пресуда“ на Трајче Попов, Мето Јовановски влезе со сета своја аура на големото филмско платно и од него не излезе толкувајќи улоги на кои се сеќаваат генерации.

Улогата на работникот Илија во „Тетовирање“ на Столе Попов (1991) му донесе регионална слава. А репликите од филмот, кога ликот што го толкува е неправедно обвинет за убиство и завршува в затвор (а потоа е убиен од еден специјалец) до ден денес се прераскажуваат или употребуваат во различни контексти од општествениот живот.

Претходно, во филмот на Столе Попов „Среќна нова 49“ од 1986, Мето Јовановски го глумеше Драгослав, кој се враќа од Советскиот Сојуз дома по резолуцијата на Информбирото и не може да разбере што се случува во југословенското општество по судирот меѓу Тито и Сталин. Јовановски беше маестрален во филмот кој ги донесе во колизија него и неговиот помал брат кој се снаоѓаше да преживее и да изгради локален авторитет со шверцување на пеницилин.

 

Речиси и да нема македонски актер кој толку извонредно глумел и во театарот и во филмот. Тоа беше работа која го издвојуваше Мето Јовановски – тој многу добро знаеше да оцени како да се глуми на театарската сцена, а како на филмските сетови.

Роден е во пехчевското село Панчарево во 1946 година. Студираше Театарска акдемија во Софија и по враќањето во Југославија првиот ангажман му беше во Народниот театар во Штип. Кога неговиот талент и знаење станаа претсесни се префрли во Драмскиот театар во Скопје. Глумеше на многу сцени во Македонија и во некогашна Југославија. Во драмите на Горан Стефановски – „Диво месо“ и „Лет во место“ – беше равенката која ја носеше претставата.

Од другите театарски претстави треба да ги споменеме „Мачка на вжештениот лимен покрив“, „Јане Задрогаз“, „Галеб“, Смртта на Дантон“… а од филмовите „Пред дождот“, „Засега без добар наслов“, „Нечиста крв“, „На пат за Катанга“, „Трето полувреме“…

Двапати е добитник на државната награда „11 октомври“ и на бројни други државни признанија. Добитник е и на државната награда за животно дело „Војдан Чернодрински“. Пет пати бил прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“. Седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Четири пати лауреат на наградата „Милтон Манаки“. (Н.В.)