На 58 години во Еквадор почина актерот Кирил Поп Христов – Кили
На 58-годишна возраст во Еквадор од инфаркт во сон почина театарскиот, филмски и телевизиски актер Кирил Поп Христов, потврди семејството. Тој во последните 12 години живееше во Еквадор.Иако често доаѓаше во Скопје, последната година не се вратил во земјава.Кили ќе почива во Мангларалто, покрај океанот.
Роден е на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на Љубиша Георгиевски во 1989 година.Од 1993 до 2014 година бил член на ансамблот на Македонски народен театар, а во 2018 година повторно се враќа на истата сцена, оставајќи значаен белег во институцијата како дел од актерскиот ансамбл.

Во текот на богата театарска кариера оствари бројни улоги во претстави на сцената на МНТ. Помеѓу нив се: Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“ (2011), Антинор во „Троил и Кресида“ (2010), Пејач во „Мара/Сад“ (2008), Мик во „Домар“ (2004), Крсто во „Ослободување на Скопје“ (2002), Џиги во „Павилјони“ (1999), Џокер Мори Шербијак во „Бетмен – враќањето на црниот витез“ (1999), Осман бег во „МКС“ (1995), Микољка во „Злосторство и казна“ (1994), Стево во „Бунт во домот за старци“ (1994), Срета во „Народен пратеник“ (1993), Јохансон во „Соната на сеништата“ (1992), Александар Македонски во „Крик“ (1991), Ѓурко во „Зора на истокот“ (1991), Принцот Едвард во „Ричард Трети“ (1990), Петар во „Гнев Божји“ (1990), Илија во „Антица“ (1988), Еди во „Луди за љубов“ (1988), Мишка во „Ревизор“ (1987), Пијанистот во „Баал“ (1987), како и улогите во „Ревизор“ (2006), „Буре барут“ (1994) и „Рави“ (1989).

Покрај улогите на театарската сцена, Поп Христов оствари значајна кариера и на филм и телевизија. Се вбројуваат улогите во филмовите „Еј“ (2018), „Скопје Ремиксд“ (2012), „Панкот не е мртов“ (2011), „Самитот на шаманите“ (2006), „Бал-кан-кан“ (2005), „Збогум на дваесетиот век“ (1998), „Преку езерото“ (1997), „Нечиста крв“ (1996), „Македонска сага“ (1993), „Тетовирање“ (1991), како и телевизиските филмови „Марика лета со авион“ (1988) и „Пикасо“ (1987). Учествуваше и во повеќе телевизиски серии, помеѓу кои: „Досие Скопје“ (2000), „Во светот на бајките – Трите светски камења“ (1995), „Македонски приказни – Христос и комарџијата“ (1992), „Трст виа Скопје“ (1990) и „Бумбари“ (1989). Покрај актерската работа, Кирил Поп Христов беше и композитор на филмот „Судијата“ (2002), чиј автор и режисер е Жанета Вангели.

Беше во брак со кореографката Гордана Деан Поп-Христова, а зад себе остави две ќерки Јоана и Нина.
Пред само неколку месеци сподели една објава која што беше посветена на еден негов починат пријател, а која денес немо стои на неговиот профил, предизвикувајќи тага кај сите што ги познаваа овие две македонски легенди.

„На 2. 12. 2004.. на крајот на светот каде што е ‘Ртот на добрата надеж’ (Cape of the good hope- Кептаун го добива името по него), со овој Ангел прекрасен го доживеав најубавиот ден во мојот живот.. се уште нешто НЕ го засенило. Никогаш повторно НЕ се појави ни приближно слично, искрено, топло, несебично пријателство. Со него се чувствував како кондорски крилја да ми беа наметнати, но никако в наши страни не сакав да прелетнам. За жал се има свој крај.. проклето нека е! Неговиот дојде по само пет месеци. А.. случајно му беше на овој датум роденден“, напиша Кили во објавата, па го додаде и следново:
„Никогаш не ќе те заборавам мој Муки“, сподели на крајот Кили под објавата што се уште стои на неговиот Фејсбук профил.