На 53-годишна возраст почина Борјанчо Мицевски, поранешен градоначалник на Крива Паланка


На 53-годишна возраст почина Борјанчо Мицевски, кој беше градоначалник на општина Крива Паланка од 2017 до 2021 година.

За неговата смрт објавија неговите сопартијци од СДСМ.

„Борјанчо беше човек кој искрено и посветено работеше за доброто на својата општина и за сите граѓани, секогаш воден од вредностите на солидарноста, правдата и напредокот. Неговата визија за подобар живот во Крива Паланка остави траен белег врз заедницата и сите кои го познаваа“, напиша лидерот на СДСМ Венко Филипче.

„Со длабока тага и неверување ја примив веста за смртта на нашиот другар и сопартиец Борјанчо Мицевски. Како градоначалник на Крива Паланка, Борјанчо остави неизбришлив траг во развојот на Крива Паланка, посветувајќи се на унапредување и развивањето на Крива Паланка во вистински европски град. Во овие тешки моменти, изразувам искрено сочувство до неговото семејство и сите блиски. Нека почива во мир“, напиша пратеникот и  поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.