На 28 септември ќе се осветува црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“

В недела, на 28 септември, ќе се осветува црквата „Св. Константини Елена“ во центарот на Скопје, во близина на Домот на АРМ, која се градеше од 2012 година, а долго време изградбата беше во застој.
Конечно, тргнати се лимените тараби околу црквата повеќе не го нагрдуваат центарот на Скопје.
Изградбата заврши по 13 години, а од Македонската православна црква (МПЦ) велат дека останува да се завршат некои ситни работи. Осветувањето ќе биде в недела, на 28 септември, со почеток во 08:30 часот, а ќе го изврши Поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан во сослужение на архиереи на МПЦ.
Поканети се државниот врв, дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на локалната самоуправа, медиуми, како и сите верници кои сакаат да присуствуваат на овој торжествен чин – велат од Скопската епархија на МПЦ.
Изградбата на црквата „Свети Констатин и Елена“ започна во 2012 година на главното шеталеиште во Скопје, улицата „Македонија“. Првично, пари за изградба на црквата се собираа на донаторски конференции, при што донираа политичари, бизнисмени, владици, но поради тешкотии околу финансирањето, храмот се градеше цели 13 години.
Македонската православна црква пред неколку години повика општествено одговорни личности да придонесат за довршување на овој значаен духовен и културен објект во центарот на главниот град.
Црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012 година, а на почетокот на изградбата присуствуваше и тогашниот премиер, Никола Груевски. Инвеститори се МПЦ-ОА и Фондацијата „Св. Цар Константин“, која беше формирана од МПЦ за изградба на црквата. Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба.
Во 2013 година имаше насилни протести пред Општина Центар, организирани од фантомска организација со цел да спречат наводно уривање на црквата од тогашниот градоначалник Андреј Жерновски. За протестите имаше долго судење, кое заврши во септември 2020 година, со затворска казна од една и пол година за Груевски како нарачател на насилствата.
Црквата ја градеше компанија „Бетон“. Приватната болница „Ремедика“ го презеде останатиот долг на МПЦ и Фондацијата „Св. Цар Константин“ од околу 3,5 милиони евра.