На 11 Октомври Сиљановска повика на обединување и сплотеност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во пораката до граѓаните за празникот 11 Октомври, Денот на востанието, повика обединетост и сплотеност, за зачувување на она што го наследивме.
„Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото, или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК.
Во драматичните денови на Втората светска војна, покажавме дека обединети и сплотени, без оглед на социјалната, етничката, верската, идеолошката или друга припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, прославата на 11 Октомври, не е само потсетување на една славна епопеја, туку повик за нејзино продолжување со дијалог во мир.
Исправени сме пред нови предизвици, несвојствени за демократијата. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.
Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија, спремни за жртвување во ослободителната мисија“, се вели, меѓу другото, во честитката.