На 11 октомври ќе „пука“ првата метла: Актерката Ирена Ристиќ повикува на масовно чистење на ѓубре


Актерката и активистка Ирена Ристиќ повика празникот 11 октомври да се рпазнува работно, односно сите граѓаните на земјава да излезат и да зачистат ѓубре во околината во која живеат.

„За месец дена е еден од најголемите празници 11 Октомври и би сакала на тој ден да тргнеме во беспоштедна борба против ѓубрето! Ние, граѓаните, а ако сакаат и службите, немам против!
Како? Со чистење! Кој? Секој на кого му пречи! Каде? Ширум убавата наша која ја утепавме со ѓубре и отрови. Прво сакав да поканам претставници од сите 33-34 града, колку се, па после ми текна дека селата ќе речат дека дискриминирам и игнорирам, така шо поканата важи за сите населени места! Доволно е да излезе по еден човек на локација и да собере макар мало кесиче ѓубре, да слика (пред и после) и да ми прати за да направиме еден празничен албум!“, вели Ристиќ во својот апел упатен на социјалната мрежа Фејсбук.

Таа додава дека мотивот е почитта кон оние кои се избориле за ова шо го имаме денес, а не го чуваме.

„Во борбата против ѓубрето немам намера да изгубам! Ни јас, ни овие “партизаниве” кои ме следат!“, додава Ристиќ.

Актерката ја започна граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ и за кратко време успеа да мотивира голем број на граѓани кои викендите ги користат за исчистат некои од локации во близина на нивните домови. Ристиќ како непоколеблива активистка во борбата против депониите и ѓубрето го доби и надимакот „прва метла“.