МЗШВ : Исплатени 314,5 милиони евра за субвенции – земјоделците сепак незадоволни


Фото: Б. Грданоски

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и во следниот период ја продолжува политиката за навремена и неселективна исплата на субвенциите за земјоделците, соопштија од ресорното министерство додека пед Владата траат протестите на земјоделците..

– Според динамиката за исплата, се подготвуваат решенијата за исплата на субвенцијата за откупена пченица од домашно производство од родот 2018 година, за што во ребалансот се проектирани 40 милиони денари. Веднаш потоа, следува исплатата на субвенциите за предадени градинарски култури, предадени домати и јаболка, субвенција за површини со поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади, како и за грло добиток. Со ребалансот се проектирани и 40 милиони денари за субвенции за заклани свињи како превенција од појава на болеста африканска свинска чума – поаснуваат од министерството.

Фото: Б. Грданоски

Велат дека, со ребалансот на буџетот, се обезбедени нови 915 милиони денари за субвенции за дополнителни мерки кои ќе ги добијат земјоделците за различни видови производи. Со оваа сума финансиската поддршка за земјоделството годинава достигнува околу 7 милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во новото производство.

Досега од 1-ви јуни 2017 година за мерките од Програмата за земјоделство и рурален развој се исплатени над 19,3 милијарди денари или 314,5 милиони евра, по основ на тековни исплати и заостанати долгови од претходните 2013,2014 и 2015 година, кои минатата власт не ги сервисирала навремено.

Од таму потсетуваат на неколку субвенции кои се исплатени, како и за оние кои се зголемени како на пример дека во два дена се исплатија вкупно 195 милиони денари за дополнителната субвенција од 5 денари за килограм предадена оризова арпа и за субвенцијата за предадено млеко, пари коишто директно легнаа на сметките на вкупно 7.872 земјоделци.

Од СДСМ пак обвинуваат дека денешните протести на земјоделците се организирани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Протестот на членови на ВМРО-ДПМНЕ кои глумеа незадоволни земјоделци е лажен исто како што е лажно се во оваа безидејна партија посветена единствено на обнова на режимот. Вистинските земјоделци немаат причина да протеститраат, затоа што досегашното искуство го потврдува партнерскиот однос и грижа на Владата предводена од СДСМ. Од друга страна гледаме дека продолжува потценувачкиот и манипулативен однос на ВМРО-ДПМНЕ со години наназад – стои во соопштението од владејачката партија.

Од друга страна пак, земјоделците појаснуваат дека протестот се одржува поради глувоста на Владата за сточарите и нема никаква политичка позадина.

– Од една страна, нашите барања искажани во декември лани се само делумно исполнети, а од друга, субвенциите не се исплаќаат навреме, туку повторно, пред избори. Доста ни е веќе од таква политика, независно кој е на власт, рече Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес, кои се организатори на протестите, аподдржани се од повеќе земјоделски здруженија.