МЗ: МРП вакцина досега примиле 37.189 деца на возраст до 14 години
Министерството за здравство соопшти дека од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) до вчера во државава вакцинирани се 37.189 лица на возраст до 14 години со МРП вакцина.
Од нив, како што се посочува, 16.935 деца се вакцинирани во Скопје, додека пак во останатиот дел од државата вакцинирани се 20.254 деца. Во изминатата недела, во Скопје вакцинирани се 28 деца, а во останатиот дел од државава вакцинирани се 691 дете (предучилишна и училишна возраст).
Во центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани 6.237 дози вакцина. Од нив повеќе од 60 отсто се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14-годишна возраст.
Од декември 2018 година, регистрирани се 1,898 случаи на мали сипаници во државава. Остануваат на сила препорачаните мерки и активности кои ги преземаат центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и вакциналните служби во пунктовите за вакцинација, стои во соопштението.