„My Box“ нова услуга за достава на онлајн пратките, без курирски служби


Пратките што граѓаните ги порачуваат онлајн отсега ќе може да ги подигнат од новите автоматизирани пакетомати „My Box“ кои ќе бидат поставени на 120 локации низ државата. Оваа нова услуга на македонскиот пазар овозможува флексибилно и сигурно подигнување на пратките  24/7, без оглед на работното време на курирските служби или ризик од пропуштени испораки.

– Нашата цел е да обезбедиме модерно, ефикасно и достапно решение што ќе стави крај на загубените пратки, на долгите чекања и на ограничувањата на временски рамки во доставата. Уверени сме дека My Box ќе донесе вистинска промена и ќе им даде на корисниците слобода и контрола врз нивните пратки, истакна на денешната промоција основачот на „My Box“ Далибор Ѓошевски.

Преку овие пакетомати ќе се врши достава од онлајн продавници кои се партнери на „My Box“. Откако пратката ќе биде ставена во пакетоматот, корисникот добива единствен код со кој ќе може да ја подигне во време што на него му одговара, без притоа да има било каков контакт со курирските служби. 

Од „My Box“ велат дека пакетоматите се безбедни и дека пратките се осигурени.