МВР поднесе уште една кривична пријава против градоначалник од СДСМ, овој пат од Делчево


Горан Трајковски

 

Министерството за внатрешни работи продолжува со кривични пријави против градоначалници од опозициската СДСМ, овој пат против Горан Трајковски, прв човек на Делчево.

Кривичното дело за кое се сомничи Трајковски е „злоупотреба на службената положба и овластување“. Оваа кривична пријава ја поднесла Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево на 25.08.2025 до ОЈО Делчево.

Што стои во пријавата:

„Пријавениот Г.Т. како овластено службено лице градоначалник на Општина Делчево на 01.08.2018 по јавен оглас од 25.06.2018 за вработување на административен службеник, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на службената должност донел незаконска одлука за избор на кандидатот В.М. од Делчево, кој уште во првата фаза од постапката за вработување, како и во моментот на донесување на решението за стекнување на статус на административен службеник ги исполнувал законските услови да се стекне со право на пензиско и инвалидско осигурување со навршени 64 години старост, што претставува основа за престанок на работен однос на административен службеник, а не основа за вработување согласно член 98 став 1 алинеа 3, а во врска со член 98 став 5 алинеја 9 и 10 од Законот за административни службеници. Со незаконското вработување пријавениот Г.Т. му овозможил на В.М. да се стекне со противправна имотна корист од 505.561 денари на име плата и да нанесе штета на Општина Делчево во износ од 762.318 денари по основ на исплатени придонеси и плата“.