МВР поднесе кривична пријава против судијата „ѕидар“


Screenshot
 

Единицата за корупција во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Неготино, со живеалиште во Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „противправно стекнување и прикривање имот“ по чл.359-а ст.3 в.в. ст.1 и „перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл.273 ст.1 од КЗ.

 

Како што соопшти МВР, Ристов  во својство на службено лице- судија во Апелациониот суд Скопје, во временскиот период од 10.2.2020 до денес, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена дал лажни податоци за својот имот и имот на неговото семејство, кој имот во големи размери ги надминува неговите законски приходи.

Притоа, на 18.1.2026, врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во координација со предметен јавен обвинител извршен е претрес во домот на неговите родители лоциран во Неготино, каде на првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра.
 
Инаку, Судскиот совет ја исклучи јавноста од седницата денес за да му го „заштитат интегритетот“ на  Ристов, откако во домот на неговите родители беа најдени 350.000 евра заѕидани во ѕид. Тие расправаа за одземање на неговиот имунитет како судија и одобрување на куќен притвор.
 
По молкот на надлежните во врска со тоа каде е судијата  и шпекулациите дека е можеби избеган во некоја од соседните земји, од Обвинителството за организиран криминал и корупција објавија дека бил кај нив за да му ги дадат на увид доказите што ги обезбедиле против него и со кои го товарат за двете кривични дела: Противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело. За двете дела  се пропишани затворски казни од над пет години, односно за првото максималната е 8, а за второто дело 10 години затвор. 
 
Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што ја оправдуваат мерката, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор. Освен оваа мерка, предложено е и определување мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, соопштија од Обвинителството за организиран криминал, без да прецизираат кои се субјективните причини со кое го оправдуваат барањето за домашен притвор.

 

Не е прв пат Судскиот совет да одлучува по имунитет на судија. Пред две години, тоа се случи за врховниот судија Наќе Георгиев кој, пак, беше осомничен за примање награда за противзаконско влијание. Тој се спогоди со Обвинителството и доби три години затворска казна и забрана за вршење на професијата. 

Клопчето за судијата од скопска Апелација почна да се одмотува со притворањето на адвокатот Фехми Стафа, на 14 декември, поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание. Поранешниот правобранител барал 50.000 евра од семејство на обвинет за влијание кај судијата Ристов. Инаку, јавноста го познава судијата Ристов по неколку големи случаи како „Шпион“ и „Метастаза“. Од позиција на апелационен судија донесе одлука за застарување на предметот „Титаник 2“, во кој беше обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.  Бизнисменот Фијат Цаноски јавно го обвини за судско злосторничко здружување за намерно застарување на случајот „ТНТ“ за уривање на комплексот „Космос“ во 2011 година.

Ристов бил избран за судија во 2008 година, а унапреден во Апелација во 2020 година. До Антикорупциската комисија нема поднесено анкетен лист за имотна состојба.