МВР објави детали за истрагата околу адитивите во ЕСМ
Доцна попладнево Министерството за внатрешни работи објави детали за акцијата што заедно со Обвинителството за гонење организиран криминал се спроведува од утринава на повеќе локации во земјава.
Еве го соопштението:
Притоа пријавениот В.С. во својство на генерален директор на АД ЕСМ, Н.С.- поранешен директор во АД за производство на електрична енергија ТЕЦ „Неготино“, Д.С.- поранешен директор на комерцијални работи во АД ЕСМ и поранешен директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ и П.М.- поранешен вд директор и директор на Подружница РЕК „Битола“ во АД ЕСМ во текот на 2023 и 2024 година во Неготино, Битола и Скопје организирале група која имала за цел вршење на кривични дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно–приватно партнерство“ од чл.275-в од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 од КЗ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 од КЗ . Во текот на 2023 и 2024 година на оваа група ѝ се приклучиле осомничените М.Ј. – управител на правно лице од Скопје, П.С., управител на правно лице од Велес, М.С. – управител на правно лице од Неготино, М.С. – сопственик на правното лице од Неготино, Р.С. – сопственик на правното лице од Неготино, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери.
Кривично пријавените свесно ги повредиле прописите на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, организирале пререгистрација на правни субјекти во нивна сопственост, се договарале како учесници во постапката за доделување на договори за јавна набавка во АД ЕСМ – Подружница РЕК „Битола“ и подружница РЕК „Осломеј“ да се јават правните лица од Скопје и Неготино и да ја изиграат постапката за доделување на договори за јавна набавка. Дел од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение, со намера да прибават за себе или за друг значителна имотна корист не ја извршувале својата службена должност како службени лица вработени во АД ЕСМ, Подружница РЕК „Битола“ со што овозможиле пријавеното правно лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000кг. за потребите на РЕК „Битола“ и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК „Осломеј“ и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400 денари. Пријавените како организатори на злосторничкото здружение и пријавените припадници на злосторничкото здружение во Битола, Неготино и Скопје, во периодот од октомври 2022 година до јули 2024 година пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на пари со намера да го прикријат нивното движење и подигнале пари во готово, а за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од чл.275-в од КЗ.