МВР не кажува, Гаши не знае кој од неговото семејство бил на свадбата во Косово
Африм Гаши ги уверуваше новинарите дека не го прекршил ни принципот на секуларност со организирањето на верски обред во Собранието за Сребреница
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се најде во вкрстен оган денес пред новинарите кои му бараа детали за инцидентите изминатите две недели во кои беше инволвиран, но освен пароли дека од никого никогаш не побарал да го прекрши законот и дека МВР му ги одредува условите за обезбедувањето, не понуди прецизни одговори.
Гаши притоа избегна и да одговори кој сѐ бил во службените возила кога одел на свадба во Косово, како и тоа зошто интервенирал кога немал надлежност да ја „преминува“ преку граница без контрола претседателката на Косово Вјоса Османи, инсистирајќи дека да не интервенирал – можело да има и жртви, без да појасни кој можел да пука кон кого.
Дури и обидот да го престави ставањето на барањето за интерпелација како прва точка на дневен ред на седницата на 3 септември како знак за транспаретно и отчетно работење беше дочекан со реакција на новинарите дека и да не сакал, не можел да го избегне, бидејќи новиот деловник го наметнува тоа.
Генерално, тој не кажа на ниту еден начин дека згрешил, иако најави дека ќе има средба со министерот за внатрешни работи за да разгледа како да ги усогласи очекувањата на јавноста за некористење на службените возила за приватни цели, во ситуација кога законот бара да има обезбедување.
„Безброј интерпелации за многу функционери во минатото никогаш не виделе бел ден, а јас ја ставив интерпелацијата за мене прва точка на дневен ред. Мислам дека ова барање не е политички издржано, но секако ќе има расправа“, тврдеше Гаши.
Тој притоа уверуваше дека не го прекршил ни принципот на секуларност со организирањето на верски обред во Собранието за Сребреница, како што го обвинува Левица, порачувајќи дека или тие не знаат што е верски обред, или не знаат што е секуларност, кога гест од неколку секунди го окарактеризираат на таков начин.
„Не сторив ништо лошо. Јас сум пресреќен поради тоа што Северна Македонија го осуди геноцидот во Сребреница. Невладиниот сектор сакаше да одржи молитва во парламентот, а јас присуствував на тој чин“, рече Гаши на брифингот.
За скандалот на аеродромот со Вјоса Османи Гаши рече дека е исцрпен како тема, бидејќи тој како претседател на Собрание нема свое обезбедување туку му го дава МВР, така што сѐ што е поврзано со него е поврзано со оваа институција и сѐ што е прекршено – не е од Гаши, туку од тоа министерство, упатувајќи ги новинарите таму да ги бараат одговорите.
„Претседателот на Собранието нема свое обезбедување, туку тој е обезбедуван од МВР. Тие луѓе се полицајци и треба да ги знаат законите и своите овластувања. Така што, отсега одговори барајте од МВР, а не од Собранието. Ми се јави претседателката на Косово, Вјоса Османи, гласот ѝ трепереше, бараше помош. Ми рече дека има проблеми на скопскиот аеродром и дека ја разделиле од децата, кои исто така биле на аеродромот. Ми рече дека децата се многу исплашени и дека плачат. Морав да помогнам. Не знам кој човек не би помогнал ако некој го моли за помош. Веднаш изреагирав затоа што сакав да помогнам и среќен сум затоа што успеав да спречам поголем инцидент“, изјави Гаши.
Запрашан директно дали воопшто има ингеренции да испраќа обезбедување да решава инциденти на аеродром, тој одговори дека во описот на работното место на претседателот на Собранието нема ни одржување брифинзи со новинари, но дека тој сепак одржува брифинзи.
„Сите ние треба да ги почитуваме законите. Јас сум обврзан со закон кога треба да одам некаде да ги известам членовите на моето обезбедување. Јас сакав лично да одам на аеродром и да го решам инцидентот, но тогаш се одвиваше седница во Собранието и бев повикан на тој состанок. Затоа моето обезбедување беше испратено таму, бидејќи планот беше јас лично да го решам инцидентот“, рече Гаши.
На барањето да дообјасни чиј живот бил загрозен (освен на полицајците на граничната контрола што биле нападнати од неговото обезбедување), тој рече дека во таква напната ситуација, да не реагирал можело да дојде до инцидент, така што постапил совесно, политички и според Устав и закон.
Тој потврди сепак дека полицаецот што го извади пиштолот не е веќе дел од неговото обезбедување бидејќи МВР го суспендирало, а немаше наводно информација за вториот полицаец.
На прашањето пак дали смее Османи или кој било друг претседател на странска држава да одбива да ги почитува законите и безбедносните процедури на аеродром, Гаши одговори:
„Сите треба да ги почитуваме законите, како домашните, така и меѓународните, и со ова сметам дека ви дадов одговор на прашањето“.
Потоа, зборувајќи за свадбарската епизода на Косово, внесе и дополнителна доза на патетика порачувајќи дека кај и да оди, мора да го извести обезбедувањето од МВР, вклучувајќи и приватно патување надвор од државата, така што воопшто нема приватност – а лично не сака да се вози со службени возила.
„Кај и да сум отишол досега, сум отишол уредно, со најава и со почитување на процедурите“, тврдеше Гаши.
Сепак, Гаши „не знаеше“ (а МВР не сакаше да каже) колку преставници на неговото пошироко семејство патувале со него со службените возила на свадба, порачувајќи – да не очекуваме од него да навлегува „во материјата на обезбедувањето“, бидејќи негова обврска е само да ја најави посетата.
„Не сум човекот кој може да ви каже кој каде влегол детално. Но, јас никогаш од никого не сум барал да прекрши закон“ , рече Гаши реплицирајќи потоа на новинарка дека – ако има методологија да пресмета колку чинело неговото приватно патување со службени коли, да каже, и тој ќе ги подмири трошоците.
Генерално, Гаши зборуваше за своите идни активности во Собранието, при што најави дека сака да ја унапреди законодавната функција, да ја зајакне политичката контрола на парламентот врз Владата и институциите што ги избира за да не се перцепира натаму како гласачка машина на „Илинденска“ да ја заживее димензијата „отворен парламент“ и физички и институционално, да обезбеди точност во одржувањето на седниците, да го „извади од фиока“ етичкиот кодекс усвоен во 2017 година во рамките на Жан Моне процесот, да иницира отворање на канцеларии за пратениците во локалната самоуправа за да комуницираат со гласачите, да ги острани колизиите во некои членови од Деловникот со организирање поширока расправа за да се спречи некои ситуации да се разрешуваат со лични интерпретации (како останувањето наТалат Џафери на премиерската функција и пратеничката во исто време) и да ја унапреди дигитализацијата.