МВР: Кривичните пријави за Ковачевски и Димовски се за тоа што Лотарија била ставена на точка на дневен ред во владата


Фото: Б. Грданоски

 

Министерството за внатрешни работи по појаснувањето на Јавното обвинителство попладнево преку соопштение ги наведува деталите од кривичните пријави за осумтемина осомничени во случајот со Државната лотарија. ВМР соопштува зошто се пријавите за поранешниот премиер Димитар Ковачевски и тогашниот генерален секретар Методија Димовски. За нив има кривична пријава затоа што предметот за Државна лотарија го ставиле на дневен ред на владата.

Во соопштението се вели:

„Третопријавениот Д.К., како претседател на Владата на Република Северна Македонија, по претходен договор со првопријавениот П.Б., на 08.03.2022 година ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловодникот за работа на Владата (член 68 став 1). Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари.

Четвртопријавениот М.Д. во својство на генерален секретар на Владата и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на седница на Владата ја предложил како точка на дневен ред за разгледување на информацијата во врска со постапката на основање на трите нови трговски друштва за приредување на интернет игри на среќа, и на тој начин со пречекорување на границите на своите службени овластувања им овозможил на одговорните лица на правни лица од Скопје и Битола да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 4.852.212 денари, а новоформираните правни субјекти од Битола и Скопје да остварат противправна имотна корист во големи размери во вкупен износ од 55.029.956 денари“.

Како што се наведува во соопштението од МВР, првопријавениот П.Б., како претседател на Управниот одбор на Државната лотарија, во периодот од 2022 до 2023 година, свесно ги прекршил законите за игри на среќа. Тој овозможил на правни лица од Скопје, Битола и Белград да организираат игри на среќа без лиценца, иако знаел дека тоа е спротивно на законот. П.Б. доставил информации до Владата за основање нови правни лица кои би добиле право за организирање електронски и интернет игри на среќа, со помош на второпријавениот А.Г., добивајќи согласност од Владата за објавување на два јавни повика кои не смееле да ги објават.

Второпријавениот А.Г., како министер во Владата на Република Северна Македонија, со цел да го прикрие кривичното дело на првопријавениот П.Б., изјавил дека има позитивно мислење од Министерството за финансии за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека такво мислење не постои. Со ова овозможил да се отстранат пречките и да започне постапката за одобрување на основањето на ова друштво, кое потоа стекнало право да приредува игри на среќа без лиценца, спротивно на Законот за игрите на среќа.

Дополнително, А.Г., како прв заменик на претседателот на Владата, ја водел седницата и ја ставил на дневен ред и ги усвоил информациите без прибавено мислење од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, иако тоа било задолжително според член 68 став 1 точки 1 и 9 од Деловодникот за работа на Владата. Со ова овозможил формирање правни лица кои добиле право да организираат игри на среќа без лиценца, иако Државната лотарија на РСМ веќе го има вложено тоа право како непаричен влог во Друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година.

Петтопријавениот В.П., во својство на службено лице – претседател на Комисијата за јавен повик учествувал во работата на Комисијата и на 04.07.2022 заедно со шестопријавениот А.А. и седмопријавената Н.Х., како членови на комисија, изготвил извештај од спроведена постапка во кој констатирал дека понудувачот-правно лице од Скопје ги исполнува сите критериуми за склучување на договор за заедничко вложување и покрај тоа што истиот не е приредувач на игри на среќа, односно не ги исполнувал законските услови. Исто така, петтопријавениот В.П. пречекорувајќи ги своите службени овластувања на 04.12.2023 заедно со шестопријавениот А.А., седмопријавената Н.Х. и осмопријавениот М.З. како членови на комисија учествувале и изготвиле извештај од спроведена постапка дека ги исполнуваат условите за склучување на договори за заедничко вложување, а како награда за истото на 25.06.2024 примил подарок – парична награда за себе во износ од 120.000 денари по основ паричен надоместок, додека како награда за истото седмопријавената Н.Х. примила подарок – парична награда за лицето Д.Х.– брат на нејзиниот сопруг Б.Х., во временскиот период од 18.01.2024 до 10.10.2024 во вкупен износ од 150.000 денари, а на одговорните лица во новоформираниот правен субјект Друштвото Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје му овозможила да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 8.598.000 денари, се вели во соопштението на МВР.