Музичка магија со Гершвин, Бернштајн и Имери на Антички: Се бараше карта повеќе за отварањето на 65. „Охридско лето“

Во свет на војни, уметноста не е луксуз — таа е нужност, рече, синоќа, во Уметничката порака актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски


Културната елита од земјата и регионот, дотерана по последна мода, во штикли и во патики, синоќа, на отварањето на 65. „Охридско лето“ доживеа „трансформација на сетилата“, во вистинска смисла на зборот. Публиката од сите генерации, која до последно место го исполни Антички театар, доживеа музичка, визуелна и душевна еуфорија.

Виртуозните настапи на американската пијанистка Клер Хуангчи (во поодмината бременост) и уметниците од  Македонската Филхармонија, под диригентката палка на маестро Едвин Оутвотер, се споија со церемонијалниот оган, месечината над Охрид, и 3Д мапингот на португалскиот сценарист Рафаел Карико и му дадоа печат на уникатен настан на манифестацијата која цело лето ќе нуди автентична театарска и музичка магија.  Охрид уживаше во  „Пајдушко“ на Дамир Имери, „Симфониски танци од „Приказна од западната страна“ на Бернштајн и  „Рапсодија во сино“ на Гершвин.

Доза на ексклузивност беше и присуството на државниот врв на Р.С. Македонија предводен од премиерот Христијан Мицковски, министри, амбасадори и дипломатски претставници во земјава, како и претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај, чие доаѓање, вчера, буквално го парализираше влезот на Охрид, со засилено присуство на полицијата во градот и на влезот, а гостите и туристите, вчера не можеа ниту да стигнат до центарот на Охрид со кола, заради засилениот безбедносен режим, кое „Охридско лето“ не го памети. 

Прогласувајќи го за отворен, покровителот на фестивалот, Претседателката на Р.С. Македонија, Гордана Силјановска-Давкова потсети дека токму кога се отвора фестивалот и додека трае програмата, Охрид се отвора како волшебна школка и како што рече, од него излегува највредниот бисер-уметноста.

-Шеесет и пет години „Охридско лето” е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар! Шеесет и пет години уметноста влегува низ охридските порти и кружи низ градот! Секоја нота, секој стих и мисла, секој глас и чекор се слеваат во охридската летна симфонија! Како што древниот Охрид е вечен со своите напластени културни, духовни и цивилизациски слоеви, така и фестивалот „Охридско лето” прераснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното! Охрид е еден, Охрид е Охрид! Не постои уметничко лето како охридското! Не постои фестивал како охридскиот, рече Силјановска-Давкова.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека „Охридско лето“ не е само фестивалска програма, туку е хроника на незаборавни уметнички средби, духовен календар на едно народно живеење што, како што додаде, секое лето блеска во својата најчиста форма.

-Оваа фестивалска година не ја одбележуваме само со бројки и големина, туку со созреаност на духот и визија за иднината. Не сме овде само за да се восхитуваме, тука сме за да ја потврдиме нашата верба дека културата е темел, а не додаток. Таа не е украс, туку јадро на нашето постоење. Уметноста е нашата најмоќна потврда дека сме народ што памети, што чувствува, што се стреми кон повисоки вредности, рече министерот Љутков.

Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски изрази огромна благодарност за покровителството на најзначајната музичко-сценска манифестација  која според него, во наредните денови ќе биде исполнета со настани што имаат врвна естетика и уметничка совршеност.

-Под мотото „Уметноста трансформира“, годинава создадовме една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековната традиција на Фестивалот.Посакувам незаборавни вечери на уметничка трансформација како и безброј емотивни сензации затоа што впрочем токму тоа е и мисијата на фестивалот „Охридско лето“, да сплотува, да инспирира, да трансформира, кажа првиот човек на фестивалот „Охридско лето“.

Уметничката порака годинава ја пренесе актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски кој низ годините како селектор ја градеше и успешната театарска приказна на фестивалот.

-Бертол Брехт вели:  „Уметноста не е огледало што ја рефлектира реалноста, туку чекан што ја обликува.“  Во тој контекст, секој концерт, секоја претстава, секој збор на сцената — не е одраз на светот таков каков што е, туку обид да стане подобар. Живееме во време на војни, каде што човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, уметноста не е луксуз — таа е нужност.  Нужност и апел да се потсетиме што значи да се биде човек, истакна Јолевски.

Л. Сабит

Фото: „Охридско лето“

Од вечерва сите патишта водат кон Антички – под мотото „Трансформација на сетилата“ почнува 65. „Охридско лето“