Музичарот Бени Шаќири е нов директор на МКЦ
Музичарот Бени Шаќири е назначен за нов директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), потврдија за МИА од МКЦ.
Од МКЦ за МИА велат дека Бени Шаќири е назначен за директор уште на 10 јануари.
-Градот го криел решението на Бени Шаќири. Тој дури сега доаѓа на работа, останатите двајца кандидати имаат осум дена рок на жалба, со ова им се ускратува правото на жалба, наведуваат од МКЦ.
Покрај Шаќири, кандидатури поднесоа и продуцентот и филмски работник Никола Мадиќ, сопруг на заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.
Шаќири доаѓа на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев.
МКЦ Скопје се финансира од буџетот на Градот, но и преку Министерството за култура, како и преку сопствени средства, спонзорства и донации.
Повеќегодишната битка за директорското место почна кога Русе Арсов си поднесе оставка „од здравствени причини“ во декември 2021 година, откако повеќе од три ипол години беше в.д. директор.
Додека тој беше директор, а градоначалник беше Петре Шилегов, поточно во јули 2019 година, имаше обид за избор на нов директор на МКЦ. Тогаш, културните работници преку отворено писмо побараа музичарот Арбен Шаќири да не биде поставен за директор. По притисоците во јавноста, конкурсот за нов директор беше поништен.
Во меѓувреме, навидум се сменија многу работи. Се одржаа локални избори на кои во Скопје победи Данела Арсовска, а изгуби Петре Шилегов. Изборите за градоначалник ги изгуби и Арбен Шаќири кој исто така се кандидираше, но во вториот круг ја поддржа Арсовска. Во МКЦ, пак, на местото на Арсов, како в.д. директор (без конкурс) беше поставен Ванчо Богоев, а потоа и Алексов.