Музеј на историјата на видеоигрите во Хрватска

Во строгиот центар на Загреб, во мај ќе биде отворен Музејот на историјата на видеоигрите. Во него ќе бидат претставени повеќе од 3.000 експонати коишто сведочат за еволуцијата на видеоигрите и цела таа гејмерска култура од 1960-тите до почетокот на ова илјадалетие.
Хрватскиот Музеј ќе има три ката и ќе зафаќа повеќе од 800 квадратни метри, но точното место ќе биде објавено подоцна. Колекцијата е собирана скоро 30 години, со доста ретки, но и историски најзначајни експонати од историјата на видеоигрите. Се додава и дека инвестицијата во овој уникатен музејски проект во нашето поднебје, е повеќе од два милиони евра, а основач е Дамир Шлогар кој важи за меѓународен авторитет во светот на видеоигрите.
Дел од постојаната изложба ќе бидат и оригинални примероци, на пр. – од „Компјутер спејс“ (Computer Space), „ПОНГ“ (PONG) итн., заедно со најголемата светска колекција на компјутерски игри од 20. век. Музејот планира и специјални настани, гостински предавања и средби со највлијателните луѓе од овој свет, како и специјални тематски изложби и изненадувања на технологијата од новата генерација.