Муртезани: За Железницата има работа, со нови локомотиви ќе бидеме поконкурентни


Постои голем потенцијал на пазарот, но треба најбрзо што можеме да ги добиеме и пуштиме во употреба новите локомотиви, за да можеме да бидеме поконкурентни и побрзи во превозот, истакна во интервју за МИА директорот на железници Транспорт АД Скопје, Орхан Муртезани.

Приходите од товарниот сообраќај во првите девет месеци од годинава во споредба со истиот период 2018 година бележат раст од 2,7 проценти, вели тој но додава дека и натаму најголем проблем е малиот број на влечни средства.
Откако ќе го зајакнат капацитетот со новите локомотиви, се надеваа дека одредени превози, кои преминале на камиони ќе се вратат на железницата.
Најави дека наскоро ќе биде готов извештајот на интерната комисија за набавката на електричните локомотиви од кинески ЦРРС и тој ќе биде доставен до Владата.

-За првата пристигната локомотива сме при крај со документацијата и наскоро ќе биде пуштена во функција. Се надевам дека до крај на годината ќе ги добиеме и останатите три локомотиви, вели во интервју за МИА Муртезани.

Владата на почетокот на минатиот месец ви наложи да формирате интерна комисија која ќе ја утврди состојбата со набавката на локомотивите од кинескиот производител ЦРРС и која треба да утврди зошто не е направен технички прием на патничките гарнитури согласно со Договорот. Што е утврдено досега и кои се следните чекори со оглед дека се споменуваше можноста за арбитражна постапка?
Согласно насоките од владата формирана е интерна комисија која работи на утврдување на состојбата на кинеските гарнитури и локомотиви. Во скоро време извештајот на комисијата ќе биде готов и доставен до владата.

Неодамна бевте на трилатерален состанок со претставници од Србија Карго, Rail Cargo Унгарија и претставници од Железници Транспорт АД-Скопје за наоѓање начин за зголемување на товарниот превоз. Со какви проблеми се соочувате како компании и договоривте ли конкретни насоки за подобрување на работењето?
Првиот состанок со колегите од Србија Карго го остварив на 13 септември, првиот месец кога бев назначен за Генерален директор, и во тоа време не мрежата на Србија имаше над 36 воза што подолго време чекаа за влез во Северна Македонија. Со тоа буквално беше закочена целата железничка инфраструктура на Србија. На вториот состанок беше констатирано дека бројката на возовите што чекаат за влез е драстично намален, под десет, и дека станува збор за тековни возови. Како резултат на внатрешната реорганизација, бројките покажуваат тренд на зголемување. На пример, ако ги споредиме септември 2018 со септември 2019 се гледа дека оваа година сме превезеле скоро 20000 тони повеќе. Најголемиот проблем со кој се соочуваме сеуште е малиот број на влечни средства, односно локомотиви. Иако во последно време со максимални напори успеавме да вратиме во сообраќај една дизел и една електрична локомотива, кои стоеле подолго време, сепак се додека не ги добиеме и пуштиме во употреба новите кинески локомотиви, ќе мора да функционираме со ограничен капацитет. Користам прилика да ја информирам јавноста дека со меѓународен тендер, со средства обезбедени од ЕБРД набавени се четири нови електро локомотиви од Кина, од која една е веќе пристигната и при крај сме со комплетирање на документацијата за да ја пуштиме во сообраќај. Што се донесува до другите три локомотиви, јас на први ноември ќе заминам за Кина за контрола пред испорака на последната, четвртата локомотива. Се надевам дека до крај на годината ќе ги добиеме и ќе може да ги пуштиме во употреба сите локомотиви со што значително би се зголемил капацитетот за превоз на Железницата на Република Северна Македонија.

Колку е искористен овој вид превоз како најекономичен и најеколошки и какви резултати бележи претпријатието во минатата и од почетокот на годинава?
Железничкиот превоз е најеколошки и најекономичен, но многу малку застапен во вкупниот превоз на стока во РСМ а тоа дел се должи на немање доволен број влечни и влечени средства во ЖРСМ . Но и како таков, за првите девет месеци од 2019 година приходите од товарниот сообраќај во споредба со истиот период 2018 година бележат раст од 2.7 проценти. Откако ќе го зајакнеме капацитетот со новите локомотиви, се надеваме да се вратат на железница одредени превози кои преминаа на камиони.

Колкав е сега капацитетот со товарни вагони, имате ли планови за набавка на нови?
ЖРСМ Транспорт со состојба на ден 01.10.2019 година, располага со вкупен возен парк на товарни вагони од 1.235 вагони. Од нив 570 вагони се со важечка ревизија (техничка контрола на вагоните) и се користат за транспорт на стока, додека останатите 665 се неактивни ( од кои поголемиот дел поради годините на производство и препораките на Меѓународната унија на железниците (УИЦ) се застарени и не се препорачува нивна обнова. Што се однесува до набавка на нови товарни вагони, треба да се има во предвид, потребата на стопанството, која во овој момент во поголемиот дел е зависна од увоз на репроматеријали и готови производи кои се транспортираат на нашиот пазар во странски вагони (ова е поврзано и со важечките прописи, каде што земјата извозник ги користи сопствените вагони за транспорт на стока).

Како се рефлектира генералната економска состојба врз работењето на претпријатието во товарниот превоз, кои се вашите најголеми коминтенти и очекувате ли зголемување на нивниот број?
Во нашата држава се дозволи увоз на многу стари камиони кои возат по енормни ниски цени кои не се доволни дури ни за остварување на проста репродукција. Нелојалната конкуренција од страна на друмски превоз каде се користат стари камиони кои многу го загадуваат воздухот, доведува до помал обем на превоз во железничкиот сообраќај. Поради тоа голем процент од превозот а особено од Солунското пристаниште се вози со камиони.
Раздвиженоста во стопанството кое е во нагорна линија во согласност со влечните и влечените средства е на задоволително ниво и се гледа во процентуално зголемување на превозот во однос на минатата година, што исто така се рефлектира и во поголемиот приход од товарниот сообраќај. Доколку има повеќе влечни и влечени средства тој процент би се зголемил во поголем обем. Постои голем потенцијал на пазарот, само ќе ни треба најбрзо што можеме да ги добиеме и пуштиме во употреба новите локомотиви, за да можеме да бидеме поконкурентни и побрзи во превозот. Нашите најголеми клиенти за кои увезуваме и извезуваме стока се: Макстил, Либерти груп, Макпетрол, Цементара, ИГМ кавадарци, Фени, Фероникели Косово и многу други. ЖРСМ по Коридор 10 врши и превоз на транзитни возови од Солун и Пиреа (Атина) кон Европа и обратно.
Со пристигнување на новите електро локомотиви очекуваме значително зголемување на обемот на превоз како во извоз/увоз така и на транзитни возови, што исто така ќе доведе и до зголемување на бројот на клиенти.

Што покажуваат податоците за патничкиот сообраќај и кои се вашите планови за подобрување на состојбите?
Бројот на вкупно превезени патници во првите осум месеци во 2018 година изнесува 362.171. Додека во првите осум месеци во 2019 година изнесува 358.032 Треба да напоменеме дека овој број на патници во 2019 година е направен со еден пар на возови помалку, поради несообраќањето на брзиот воз Скопје – Битола – Скопје.Со зголемување на постојниот возен парк, преку набавка на нови возови, а со тоа и воведување на нови возови во возниот ред би се зголемил и бројот на патници.