Муртезани во работна посета на Берлин


Фото: Б. Грданоски

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани утре и задутре ќе престојува во работна посета на Берлин, во чии рамки предвидено е да се сретне со: државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Гинтер Крихбаум, шефот на Одделот за европска политика при Сојузната канцеларија, амбасадорот Михаел Клаус и со генералниот секретар на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Марк Шпајх.

На средбите, како што соопшти Министерството за европски прашања, ќе бидат разгледани можностите за унапредување на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната и развојната соработка меѓу двете држави, со акцент на европската интеграција, реформите, владеењето на правото и економскиот развој.

Посебен фокус ќе биде ставен на стратешката поддршка од Германија во клучните сектори и на перспективите за продлабочување на партнерството во светло на актуелните европски и регионални предизвици.

Работната посета на министерот Муртезани на Германија, нагласува МЕП, претставува потврда за заемната определба за динамичен политички дијалог и континуирана соработка, во насока на забрзување на европските интеграции и зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот.