Муртезани – Вајц: Уставните измени се неопходни


Клучните аспекти од пристапниот процес, вклучително и имплементацијата на Реформската агенда, уставните измени, текот на подготовките за отворањето на преговорите по кластери, како и значењето на меѓуинституционалниот и меѓупартиски консензус за успешно справување со реформските приоритети, беа главни теми на денешната средба во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со известувач на Европскиот парламент за земјава, австрискиот европратеникот Томас Вајц. 

Во разговорите е потенцирано дека процесот на уставни измени, иако комплексен, останува неопходен чекор на европскиот пат на земјава, кој бара „одговорен пристап и обединување околу заедничката визија за европската иднина“. 

Европратеникот Вајц ја реафирмирал својата лична и институционална посветеност на поддршката на земјава на европскиот пат и ја поздравил нејзината конструктивната улога во регионалната соработка и вклученост во европските иницијативи. Вајц, при тоа, нагласил дека земјава има важна улога како стабилен партнер на Европската Унија. 

Муртезани, од своја страна, изразил благодарност за континуираната поддршка од страна на Европскиот парламент за земјава и ја нагласил важноста од конструктивната улога на европратениците, особено на известувачите, во зачувувањето на кредибилитетот на политиката на проширување, како клучен инструмент за европеизација на Западниот Балкан. 

Во контекст на актуелните политички и регионални предизвици, Муртезани ја потенцирал подготвеноста на Владата за интензивирање на реформскиот процес, како и за одржување на отворен и инклузивен дијалог во земјата, со цел градење поширока поддршка за реализација на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија.  

Муртезани и Вајц, исто така, ја реафирмирале заемната подготвеност за продолжување на интензивната комуникација и за координирани активности кои ќе придонесат за понатамошен напредок во пристапниот процес во духот на заемно разбирање, доверба и европска солидарност. 

Денешниот состанок на Муртезани и Вајц во Брисел следи по конструктивниот и отворен дијалог воспоставен при нивната неодамнешна средба во Скопје, која постави основа за понатамошно продлабочување на парламентарната соработка и политичката координација во насока на поддршка на европската интеграција на земјава. 

Министерот Муртезани престојува во работна посета на Брисел, каде, според најавите, ќе има средби со  претставници на Европскиот парламент, Европската комисија и Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ).