Муртезани уверен дека премиерот ќе направи конкретни чекори за ЕУ по изборите

Кај премиерот и Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија, изјави денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот фински колега Јоаким Странд.
Муртезани нагласи дека веќе има конкретни размислувања како тоа да се направи, но не сакаше да открие повеќе поради тоа што во моментов тече кампањата за локалните избори и напомена дека сето тоа може да се извади од контекст.
Тој ова го посочи одговарајќи на новинарски прашања да даде коментар на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека по Нова година ќе има придвижување во процесите со Софија, но и за тоа што точно се планира да се преземе.
-Претседателот на Владата во неколку наврати јавно изјави дека по завршувањето на изборите, односно со почетокот на Новата година се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Мислам дека во моментов, бидејќи се наоѓаме во изборна кампања се што ќе кажеме може да се стави во одреден контекст и да го наруши и да му наштети на процесот. Тоа што е битно и што е главната порака на ваквите изјави е дека кај премиерот и кај Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност после изборите да се направат конкретни чекори за надминување на овој проблем. Тоа што можам сега да кажам е дека има размислувања за тоа какви чекори треба да се преземат, но целиот фокус сега е на изборната камапња и не може да се очекува тие размислувања да добијат форми на конкретни предлози – истакна министерот за европски прашања.
Тој на денешната прес-конференција со неговиот фински колега посочи дека односите меѓу двете земји имаат динамика и континуитет, како и иднина што се гради врз доверба и заеднички европски вредности.
На средбата двајцата министри разговараме за клучните теми за иднината на земјава и регионот, при што Муртезани го информирал Странд за процесите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој, како што кажа не е само финансиски инструмент, туку и стратегија која ја приближува нашата економија и институциите до ЕУ и пред да станеме членка.