Муралот „Илинден 1903“ од Лазески е културно наследство кое ја воспева херојската борба на македонскиот народ


Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, синоќа, во Музејот на македонската борба ја отвори изложбата „Анатомија на муралот Илинден 1903“ од академскиот сликар Борко Лазески, посветена на одбележувањето на двата големи празника од нашата историја  121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Изложбата содржи селекција од 24 скици и цртежи, изработени од Лазески, кои послужиле како план за монументалната фреска „Илинден 1903“. Тие се претставени пред македонската публика.

Авторка е Марија Коробар, а изложбата се организира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје.
 

 

„Делото е создадено во 1950 година и изложено на Есенскиот салон на Друштвото на македонски ликовни уметници, а истата година е поставено во Домот на ЈНА. Зградата на домот беше разурната во земјотресот од 1963 година, а фреската ‘Илинден 1903’ уништена. По неколку обиди да се обнови, конечно во 1991 година, Лазески ја реизведува фреската ‘Илинден 1903’ според оригиналните шеми, во Хотелот ‘Монтана’ во Крушево каде се наоѓа и денес“, велат од Музејот.

Министерот Љутков во своето обраќање истакна дека изложбата е пример за тоа како уметноста може да го раскаже минатотода ја заживее историјата, да го пренесе борбениот дух на Македонците.  
 

– Токму муралите на нашиот современ академски сликар Борко Лазески, како визуелна форма на уметностасе историска хроника за најзначајните моменти во нашата историја врежани во боја и форма, каде што во секој детаљ  може да се почувствуваат слободата и страста на оние што го оствариле својот сон. Тие се потсетник за тоа што сме постигнале и каков пат сме поминале како нација – истакна Љутков.

Лазески (1917-1993) е македонски ликовен уметник кој се смета за предвесник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија. Во 1933/34 година Лазески се запишал  на Ликовната академија во Белград. Дополнително го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, каде ги завршува студиите во 1943. Како стипендист на француската влада во почетокот на 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност во одделот за фрескосликарство на Дикос де ла Ај. Тука ги проучува монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба.

Во почетокот на 1945 учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Лазески е прв в. д. директор на Уметничката галерија во Скопје, формирана во 1948.

Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември.