Мухарем Баздуљ на промоција во Скопје: Балканот е инспиративно место за уметниците

За разлика од социјалистичка Југославија, која го сместила седиштето на Исламската заедница во Сараево, кралот Александар го избрал Скопје за центар на југословенскиот ислам, вели Баздуљ во интервјуто за „Независен“


Во вторник (06.06.2023) во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, во 19, 30 часот,  Српскиот Културно Информативен Центар (СПОНА) ќе претстави ексклузивен гостин. Тоа е босанско-српскиот писател, новинар, публицист, преведувач…, хроничар на ова време и одличен познавач на минатото на овие простори – Мухарем Баздуљ.

Во Скопје Баздуљ ќе го промовира својот актуелен, неодамна објавен роман „Невидливата дружба“. За неговото книжевно творештво ќе зборуваат: писателот Александар Прокопиев, потоа Милутин Станчиќ, прв човек на СПОНА, кој ќе зборува за животните ставови на Баздуљ, додека новинарот Иван Беќковиќ со Мухарем ќе разговара за неговата фасцинација од музиката.

Баздуљ по образование е дипломиран студент по англиски јазик. Од родниот Травник, преку Сараево, дошол во Белград, во кој се вљубил заради сеќавањата на татко му за неговите војнички денови. Своето детство го памети како идилична слика на социјалистичко воспитување каде што не е беше важно на која религија и припаѓате. Војната во Босна драстично смени сѐ…

Македонската публика која ја следи литературата многу добро знае кој е Мухарем Баздуљ. Неговите книги „Кукла од марципан“ и „Ѓаурот и Зулејха“ се веќе преведени на македонски јазик, а Скопје како град одамна го има освоено.

Не мал број ваши читатели ми кажаа дека актуелниот роман „Невидливaта дружба“ се „чита во еден здив“. Со оглед на тоа дека ова е Вашата „прашај го Бога која книга по ред“ ме интересира како успевате, со толкава километража што ја имате како писател, да го држите читателот и понатаму во состојба „на готовс“? 

– Литературата, би рекол, е уметничка дисциплина во која често „долгата“ километража што ја споменувате ве тера секогаш да барате нови агли и нови техники. Во „Невидливата дружба“ се обидов да напишам роман во кој нема да „внесам“, параграфи, поглавја… Сѐ е една континуирана изјава.

Ако тој вител го зграпчува читателот, таа книга навистина, ми се чини, мора да се прочита во еден здив. Не сум јас, се разбира, првиот што се обидел такво нешто. Слично пишувале Сарамаго и Бернхард, слична е идејата на Керуак во познатиот роман „На пат“. Во секој случај, мило ми е што првите читатели на книгата велат дека ја прочитале, така да се каже „во еден здив“.

Во некои објави стои дека „Невидливата дружба“ е Ваш автобиографски роман…

– Би рекол дека романот воопшто не е автобиографски. Во него, се разбира, има детали кои ги „превземав“ од мојот живот, но има уште повеќе детали од туѓите животи.

Основните биографски детали на главниот протагонист немаат речиси никаква врска со мене. Но, повторно, освен во научната фантастика, читателите често мислат дека писателот секогаш пишува за сопствениот живот. Во поширока смисла ова е точно бидејќи сè во животот писателот може да послужи како инспирација, но вистинската автобиографија е нешто сосема друго.

Во вашите дела живеат луѓе од овие простори, сè е инспирирано од емоции, историја… За вас Балканот е „буре барут“, или „поле за културен натпревар меѓу народите“, како што истакнуваше Гоце Делчев?

– Па, Балканот е, се разбира, и двете, во зависност од историскиот момент и од гледишта. Но, го сакам Балканот и мислам дека е прекрасно и инспиративно мести за уметниците. Дерогирањето на Балканот често доаѓа од луѓе кои остатокот од светот тие всушност малку го знаат.

По неколку години доаѓате во Скопје. Некои од Вашите книги се преведени кај нас, луѓето ве препознаваат, ве сакаат… Какви се очекувањата од гостувањето?

– Многу се радувам што доаѓам во Скопје. Таму бев цел октомври 2017 година во книжевна резиденција, а исто така и во 2020 година, по најлошиот прв бран на корона, првиот литературен фестивал на кој присуствував во „светот на пандемијата“ беше во Скопје. Секогаш кога настапував во Скопје беше добро, така што нема причина да не го продолжиме тој тренд. Би сакал да направам на публиката да и биде удобно, да запознам некои нови читатели, да ги видам некои стари, некои идни…

 Дали некогаш сте ја истражувале историјата на овој град, некои луѓе и настани? Можеби Скопје ќе биде центарот на некој од вашите следни романи?

– Секако. Многу ме интересира историјата на Скопје и на Македонија, особено историјата на Скопје за време на Кралството Југославија. За разлика од социјалистичка Југославија, која го сместила седиштето на Исламската заедница во Сараево, кралот Александар го избрал Скопје за центар на југословенскиот ислам. Оттаму во Скопје постоеше Кралска медреса во која одеа многу луѓе кои ќе остават длабок историски белег, а меѓу предавачите беше и Аница Савиќ-Ребац. Ребека Вест прекрасно пишува за тоа Скопје. Таа ера во Скопје ми е особено историски инспиративна.

Иван Беќковиќ