Муцунски за уставните промени: Бербок не ја отфрли можноста за иницијативи


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на нивната неодамнешна средба во Берлин покрај посочувањето на уставните промени,  кои во моментот ни се поставени како услов за продолжување на евроинтегративниот процес, не ја отфрлила можноста за дијалог за иницијативи.

-Не сакам да се внесам во дијалог што точно кажала министерката. Таа кажа дека во моментот едногласноста е правило што, како што јавно кажа, Германија сака да го промени во делот на проширувањето. Министерката, исто така, кажа дека во моментот како услов ни е поставен процесот на уставни промени, но истовремено никаде не отфрли можност за дијалог за иницијативи, бидејќи и духот на еворпските вредности е меѓусебе да комуницираме, да дискутираме и сите да сме сигурни дека стратешки сме усогласени за истиот правец.Јас тоа навистина го ценам што една голема земја членка како Германија, би рекол, прати една силна порака, порача Муцунски на денешната Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграцијата во ЕУ и дигитална трансформација“.

За тоа кога ќе се случат уставни измени и дали ќе се случат, вели, конечен одговор на тоа прашање ќе дадат две третини од пратениците бидејќи постојното владејачкото мнозинство има скоро две третини од 120 пратеници.

-Јас тоа во моменот не би можел конкретно да ви го одговорам. Но, тоа што можам да ви го кажам е дека, прво, ние како Влада имаме свест дека уставните измени се услов за отпочнување на преговорите. Да не биде дека министерката во Германија зборува едно, а ние зборуваме друго. Сите сме свесни дека тоа е услов, многу погрешно поставен, но таков е условот во моментот.Е сега, како да сме сигурни дека ова ќе биде последно барање од ваков тип или профил којшто не е поврзан со европски стандарди, туку е повторно поврзано со билатерално прашање покренато од наш сосед  и што не соодветствува со европски вредности, вели Муцунски.

Според него, сакаме напред по европскиот пат, но сакаме и пристап којшто не штити нас, а ја штити и ЕУ.

 -Не треба да се расфрламе со рокови или со време, туку треба да обезбедиме решение коешто ќе ни даде долгорочна сигурност, некој вели гаранција. Еве да користиме поблаг збор, сигурност дека патот напред ќе биде предвидлив и ќе бидеме мерени врз основа на објективни критериуми.Никогаш не сме рекле дека таквото решение ќе биде лесно да се најде, но нашата обврска е да бидеме усогласени за сето она што го зборуваме подолг период, што сме го зборувале пред граѓаните во кампања и што сега го зборуваме.Да, сакаме напред по европскиот пат, но сакаме и пристап којшто не штити нас, а ја штити и ЕУ. како примерот што го даде колегата Муртезани. Потенцијално ново вето врз основа на билатерално барање ќе значи раст на евроскептицизмот не само кај нас, туку би рекол и во целото соседство, каде што има политичари коишто едвај чекаат да покажат со прст и да речат еве видете повторно што прават, видете со какви неправди се служи ЕУ.И затоа велиме ние се штитиме себе, но ја штитиме и политиката на проширување ваква каква што е во овој момент, нагласи Муцунски.

Прашан дали ние ќе чекаме ЕУ да го смени принципот на одлучување со едногласност за да го продолжиме евроинтегративниот пат и кои се плановите на Владата доколку по изборите не се формира влада во Бугарија и нема релевантен партнер за разговор таму, Муцунски вели државата нема време за чекање и мора да има отворен дијалог.

-Ние како држава немаме време  за чекање. Ова е владејачко мнозинство има речиси двотретинско мнозинство. Најлесното нешто што можеше да го направи ова владејачко мнозинство е да чека.Да рече, видете, не е добар овој предлог, спротивставен е со наши интереси, ние ќе работиме на европскиот пат, но не чувстуваме потреба да разговараме. Ние велиме мораме да имаме отворен дијалог бидејќи државата нема време за чекање и сакаме да ги отвориме пристапните преговори. Сега доаѓаме на констатацијата и го рушиме оној мит создаден од претходно дека веќе преговараме, бидејќи се создаваше една таква аура дека преговараме со ЕУ.Затоа велам ќе дискутираме, активен ангажман ќе има и премиерот и претседателката и колегата Муртезани, и јас лично, за изнаоѓање на решение, но не решение по секоја цена.Јас само сакам да го потврдам фактот што Германија јавно отворено почна да зборува за промена на еден систем на гласање што создава штети и за перцепцијата на ЕУ.Во однос на внатрешно – политичката состојба  во Бугарија, јас би сакал што побрзо да се формира влада, бидејќи без тоа тешко дека ќе може со полн политички легитимитет да се дојде до компромис каков што ни посакуваме, вели Муцунски.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани посочи дека власта сака гаранција не само да почне втората фаза, туку и да завршат преговорите без блокади.

Прашан каде точно ги гледа тие можности за блокади кажа дека потенцијалот за блокади е многу поширок и дури некои блокади, вели, може и ние сами да ги предизвикаме ако не ги имплементираме реформите согласно стандардите на ЕУ, но оти тоа би биле блокади коишто би ги предизвикала само неодговорна влада.

-Што се однесува до тоа кои се точните места мислам дека се уште е рано јавно да се зборува за тие работи. Ќе треба да се стрпиме уште малку.Сите тие наши настојувања преку нашите европски партнери и пошироко се многу активни во периодот и во моментот кога ние ќе сметаме дека е заштитен интересот на граѓаните и воспоставен дијалогот со Бугарија секако дека ќе ги споделиме, рече Муртезани.

Во однос на проблемот со непризнавањето на возачките дозволи со новото уставно име на нашите граѓани во Италија од страна на италијанските власти, Муцунски изјави дека ова прашање за многу брзо време ќе биде надминато и дека е во комуникација со тамошните власти и со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

-Тоа што можам да го потврдам е дека сме свесни за овој предизвик којшто е настанат од претходно. Независно на тоа, ние мораме сега да го решиме за граѓаните да немаат проблеми понатаму.Се кооридинираме со министерот Тошковски и очекувам во соработка со Италија на билатерално ниво да  го надминеме овој предизвик, рече Муцунски.

 Муцунски информираше и за процесот на спојување на Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошки индустриски и развојни зони, а Министерството ќе остане да биде креатор на политиките во делот на надворешната трговија и странски инвестиции. Тој се осврна и на активностите во делот на привлекување странски инвестиции во чии рамки во изминатиот период се остварени средби со приватни компании и стопански комари, каде дел од приватните компании веќе пројавиле интерес за инвестирање во нашата држава.