Муцунски за „Политико“: Нема уставни измени, ако не добиеме цврсти гаранции од ЕУ

Муцунски во разговорот бил загрижен колку брзо се одвиваат кандидатурите за членство на Украина и Молдавија


 

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во разговор за бриселски „Политико“ рече дека Македонија нема да ги направи уставните измени што се во преговарачката рамка, освен ако ЕУ не гарантира дека ова е последното барање. „Нашиот страв е: ако ги направиме, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно ни се обрати со барање за прашања како што се историјата, идентитетот и јазикот?“, рече Муцунски.

„Политико“ прави паралела со блокадата на Унгарија на членството на Украина во ЕУ со она што го прави Бугарија со Македонија. „Проблемот е долготрајниот спор за бугарското малцинство во Северна Македонија (слично како Унгарците во Украина). Бугарија бара Северна Македонија да го промени својот устав за да го признае малцинството – потег што претходната влада на Скопјe го прифати, но не успеа да го спроведе бидејќи немаше мнозинство во парламентот“, пишува „Политико“.

Иако засега не е подготвена да го промени уставот, Муцунски му изјави на новинарот на „Политико“ дека Македонија би можела да продолжи со други реформи за да се приклучи кон ЕУ. „Ако утре земјите-членки дојдат кај нас и ни кажат дека треба да направите повеќе за доброто управување, владеењето на правото… ние разбираме. И не само што разбираме, туку и чувствуваме дека тоа е обврска што мора да ја преземеме, не само по барање на институциите на ЕУ, туку и поради потребата од посилно општество“.

Муцунски во разговорот бил загрижен колку брзо се одвиваат кандидатурите за членство на Украина и Молдавија. „Го разбирам стратешкиот императив што постои, за земјите-членки, да ги отворат своите врати за Украина“, рече тој.

Сепак, „најбрзата и веројатно најевтината инвестиција во европската стабилност што може да се направи е Европската унија да ги отвори своите врати што е можно поскоро за целиот регион. Бидејќи не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција“, му рекол Муцунски на „Политико“.

Тој потсетил дека Северна Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, a нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство. Шефот на дипломатијата изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно.