Муцунски се сретна со сезонските работници – почнува акција за чист и зелен Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, денеска имаше средба и работна акција со сезонските работници. Целта е во наредниот период да се интензивира работењето на овие работници за Аеродром повторно да го добие сјајот на чиста и зелена општина.
„Со сезонските работници денеска излеговме на терен каде што имавме работен состанок и веднаш се фативме за работа. Во нашата програма ветивме дека Аеродром ќе биде почист и зелен, а со овие прекрасни луѓе верувам дека ќе го постигнеме тоа. Местото на градоначалникот и советниците е меѓу граѓаните. Почнуваме со решавање на проблемите на граѓаните, целиме кон чист и зелен Аеродром. Во наредниот период сезонските работници ќе се грижат за зеленилото за тревниците и дрвјата во Аеродром на редовна основа, ќе се грижат за хигиената на јавните површини во општината, како и училиштата и градинките. Одржувањето на хигиената во општина Аеродром е наш приоритет, бидејќи граѓаните заслужуваат да живеат во една хумана средина“, изјави Муцунски.
Тимчо Муцунски вчера ја презеде функцијата градоначалник на Аеродром и уште од првиот ден почна со работа. Според Муцунски, местото на градоначалникот и на советниците е помеѓу граѓаните. Во наредниот период градоначалникот на Аеродром најави интензивни средби со граѓаните за изнаоѓање решенијата во секое маало.