Муцунски се сретна со новите членови на Историската комисија
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска се сретна со новиот состав на македонскиот дел од историската комисија со Бугарија. Средбата од МНР ја окраактеризираа како „протоколарна“.
Според соопштението, Муцунски им рекол на членовите на комисијата дека Министерството за надворешни работи со сите свои капацитети им стои на располагање во процесот на одговорно и непречено понатамошно извршување на нивните редовни активности. „Тој посочи дека одлуките и дискусиите во рамки на комисијата треба да бидат водени врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода. Воедно, ја истакна и личната заложба за независност во одлучувањето на комисијата, без никакви политички влијанија и притисоци“, се вели во соопштението на МНР.
Владата го промени составот на членовите на Историската комисија во септември, затоа што, според зборовите на премиерот Христијан Мицкоски, а и на министерот Муцунски, не ги бранеле соодветно „националните интереси“.
Веќе подолго време нема средба на македонско-бугарската историска комисија.