Муцунски почна изградба на парк на влезот во Лисиче, „Радост“ кај ПСС го заборави


Фото: Независен

На самиот почеток на пролетта започна изведбата на новиот парк лоциран на влезот на населбата Лисиче, покрај булеварот „Февруарски поход“.

До крајот на следниот месец Аеродром ќе добие нов простор кој ќе биде целосно уреден со зеленило и урбана опрема и каде ќе биде поставено македонското знаме.

Градоначалникот Муцунски на својата фејсбук страна истакна дека Јавното претпријатие за комунални дејности и Општина Аеродром целосно ги изведуваат работите за уредување на оваа површина, што за граѓаните кои живеат во овој дел од општината ќе претставува ново зелено катче. Во следниот период вакви проекти ќе се реализираат и на други локации ширум Аеродром, со што се потврдуваат заложбите за модерна, зелена и чиста општина, ветува градоначалникот Муцунски.

Ова ќе беше убава вест, ако ни километар подалеку не стоеше празната раскопана парцела, на која во април 2023 година, Муцунски заедно со заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, не го најавеја паркот „Радост“.

 

Од радоста ни Р. Еве како денеска, на денот кога се почнува новово паркче на кривинката кон ресторанот „Рагуза“, изгледа паркот на кој ни името не му го памтиме:

Фото: Независен

Овој парк, имаше многу големо значење, затоа што се наоѓа на една од парцелите за кои Муцунски се пофали дека од градежни ги преправил во парковски. Поточно, планот на претходната администрација во Аеродром беше на ова место да се изгради општинската зграда. Но, тоа не му се допаѓаше на Муцунски, кој пак има желба општинска зграда да прави во близина на кулите „Џевахир“ кај касарната. 

Сепак, покрај тоа што маркицата се преиначи, пари за паркот дадоа повеќе фирми, парк уште нема. 

„Со оваа инвестиција на Општина Аеродром, со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Скопје која се реализира преку невладината организација „Пантеон“ и соработка со приватни компании Џевахир, ПСС, Тинекс и Халк Банка, граѓаните ќе добијат нов најсовремен и модерен парк во вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри површина која доминантно ќе биде исполнета со зеленило и каде ќе биде поставена најмодерна опрема, осветлување, павер елементи и хортикултурно уредување“, најави лани во април Муцунски.

Паркот „Радост“ 21.03.2024

Само за споредба, вака денеска изгледа малото, штотуку најавено паркче, за кое не се сомневаме дека ќе биде набрзо направено, затоа што навистина е мало. Според официјалните податоци на Општина Аеродром, 1.000 м2, значи шест пати помало од „Радост“. Да се надеваме дека барем тоа ќе се заврши до крајот на следниот месец, како што денеска најави Муцунски. 

Фото: Независен